Украина ќе биде домаќин на вториот Самит на Првите дами и господа на 23 јули (сабота), посветен на повоената обнова на Украина. Планирано е настанот да се одржи како телеконференција меѓу различни земји во светот.
Првиот Самит се одржа минатата, 2021 година, на иницијатива на сопругата на Претседателот на Украина, Олена Зеленска. Во тоа време, на нејзина покана, во градот Киев дојдоа единаесет први дами од различни земји во светот. На настанот присуствуваа и познати личности како Хилари Родам Клинтон, Робин Рајт, Насим Николас Талеб и Сахра Карими.
Оваа година Самитот ќе биде посветен на надминување на најболниот предизвик во 2022 година – војната на Русија против Украина.
„Да бидеме домаќини на вториот Самит, како што беше планирано минатата година, и покрај секојдневните терористички акти од Русија, е наша внимателно измерена одлука. Тоа доаѓа од потребата да се обнови нашата земја и да се добие поддршката од светската заедница за ова“ – изјави Зеленска во интервјуто објавено и на веб страницата на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Оваа година организаторите планираат мултимедијален настан, кој вклучува организирање на телеконференција помеѓу студија во различни градови во светот. Главното студио ќе биде во Украина. Уште четири ќе бидат во Брисел, Варшава, Лондон и Вашингтон.
„Верувам дека обновувањето на земјата мора да започне со народот, со нивното морално и физичко здравје. Затоа, на Самитот ќе бараме одговори на прашањата што го засегаат не само секој Украинец, туку и секој човек во светот: прашањето на принудната миграција, создавање соодветни услови за враќање на жените и децата кои веќе петти месец по ред се принудени да живеат во други земји, како да се обноват различни области – медицина, образование, култура“ – изјави првата дама на Украина
Самитот ќе биде поделен на четири тематски панел дискусии. Првиот ќе биде посветен на привремено раселените лица.
„Мораме да најдеме начини да им биде погодно и удобно за нашите граѓани да се вратат дома“, рече сопругата на Претседателот Зеленски.
Вториот панел ќе биде посветен на децата и образованието.
„За нас е важно да разговараме за прашањето за отворање училишта и градинки, што е предуслов за враќање на родителите и децата во Украина. Што треба да се смени во уредувањето на образовните институции? И, исто така, да се разгледа можноста за создавање заеднички програми меѓу странските и украинските универзитети“ – објаснува Зеленска.
Темата на третиот панел е физичкото и менталното закрепнување на Украинците.
„Овде ќе разговараме за можни програми за преселување за лекување во странство, програми за обука на украински психолози итн.“ – информира Првата дама.
Четвртиот панел ќе биде посветен на жените, нивната улога во одлучувањето во областа на одбраната, повоената реконструкција на земјата и, особено, во ИТ.
На настанот ќе учествуваат три категории гости: Првите дами и господа од различни земји во светот; претставници на меѓународни организации (СЗО, УНИЦЕФ, УНЕСКО итн.) и познати личности – пејачи, актери, режисери, претставници од други области, од кои секоја има што да му каже на светот.