Леринскиот говор не е дел од централното македонско наречје, туку е дел од југоисточните наречја. Леринскиот говор не е дел од стандардизираниот македонски јазик уште од времето на Крсте Мисирков, кој е роден во Ениџе-Вардарско.
Продолжуваат политичките манипулации и дезинформации за македонскиот јазик и по објавувањето на едностраните декларации.
Политичарот Илија Димовски, при гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа на 19.07.2002 ја коментираше изјавата на проф. Људмил Спасов, објавена во Дојче Веле (Професор Људмил Спасов: Нема откажување од дијалектите, туку дефинирање на стандардизираниот македонски јазик), објави Институтот ИМА.
Новинар на ТВ Алфа: Се појави еве Људмил Спасов, вели, нема откажување од дијалектите, туку дефинирање на стандардизираниот македонски јазик, и тој инстистира дека дијалектите се впрочем, нели, посебна приказна, туку само зборуваме сега за стандардизираниот јазик…
Илија Димовски: …Нека ми прости, професор е, ама се гледа употребната вредност. Не сакам трудот во минатото како професор да му го намалувам, но ова е катастрофа. Значи, он како професор, лингвист, треба да знае дека и леринскиот говор е дел од стандардизираниот македонски…
Новинар: А тој не го спомнува, интересно, во оваа изјава.
Илија Димовски: Е, па, не го спомнува, затоа е политичка неговата изјава. Еве, се да е точно што кажува, не може, нема да најде толкување, како тоа леринскиот говор, којшто е дел од централното македонско наречје, е надвор од границите на Република Македонија, а во изјавата денеска се ограничува на Република Македонија.“
Институтот ИМА го контактираше проф. Људмил Спасов, со две прашања:
Институтот ИМА: Дали леринскиот говор е дел од централното македонско наречје, како што тврди Илија Димовски?
Људмил Спасов: Не, туку е дел од југоисточните наречја.
Во книгата ДИЈАЛЕКТОЛОГИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК 1 (приредена од академик Марјан Марковиќ) „Леринскиот говор“ е сместен во поглавјето „Јужни говори“ како дел од „Говорите во Костурско“. Во поглавјето „Централните говори“ се обработени „Прилепско битолските говори“, „Кичевско-поречки говори“, и „Скопско-велешки говори“.
Институтот ИМА: Дали леринскиот говор е дел од стандардизираниот македонски јазик, како што тврди Илија Димовски?
Људмил Спасов: Не е, уште од времето на Крсте Мисирков, кој е роден во Ениџе-Вардарско.
Професорот Људмил Спасов не упати на Крсте Мисирков и неговата книга „За македонцките работи (Неколку зборои за македонцкиiот литературен iазик). Уште Крсте Мисирков во 1903 го прогласува „Прилепцко-Битол’цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа“. Како што пишува Мисирков: „Около централното наречиiе требит да се групираат сите наши научни и литературни сили, за да го очистат и обогатат со сокроишча од друзите македонцки наречиiа и да создадат од него iеден убав литературен iазик… Централен град во Македониiа ни iет Велес. От тоi центр географцки, ниiе само мало се оддалечуаме, идеiки преко Прилеп кон Битол’а и Орид. Таков праец при оддалечуаiн’ето од географцкиiот центр се обiаснуат со тоа, оти тиiе краiишча сет от по големо историiцко значеiн’е за Македониiа, а од друга, сет по оддалечени и от србцкиiот и бугарцкиiот iазикои центри, состауаiки от себе македонцки iазиков центр. И вистина диалектот Велешко-Прилепцко-Битол’цко-Оридцки iет iатката на македонцкиiот iазик, зашчо на запад од него iет Дебранцкиiот (рока), на iуг – Костурцкиiот (ронка), на исток – источниiот или Солунцкиiот (ргка) и на север – Скопцкиiот или северниiот (рука)“.
За жал, продолжуваат манипулациите и дезинформациите за македонскиот јазик од страна на политичари и медиуми, кои започнаа уште со објавувањето на првата верзија од т.н. „француски предлог“.