пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Е, зошто овој човек нам денес ни е важен? Важен ни е затоа што оперира со големи теми кои очигледно не ги разбира до крај, а уште поважно е тоа што во моментот е претседател на МАНУ. И од таа позиција се спрема нашиот академик за „политичарска“ кариера, па пишува „умни“ памфлети во најстариот весник на земјата, планетата, космосот и млечниот пат, погодувате, пишува за весникот „Нова Македонија“.
Се инспирирал Љупчо & Коцарев од Орвеловата дистопија „1984“, па го произведува текстот: „Две илјади осумдесет и четврта или Последниот Македонец во Европа“ (22. 07. 2022., „Нова Македонија“). Добро, начелно нема никаков проблем. Текстот го почнува со претпоставка, што значи ја пуштил „фантазијата на паша“, само што погрешно ја разбрал Орвеловата дистопија „1984“.
Иако, убиствено е кога ќе почнете лошо да ги интерпретирате делата на славните книжевници, притоа, „трпајќи“ ја Орвеловата нонфикционалност во жарнот на Мицковите националистички лудила, па од тоа правите политичка платформа за себе и својата „идна“(?) политичарска кариера.
Да одиме конкретно. Што, всушност, греши, академикот? Џорџ Орвел не ја замислувал Македонија кога го пишувал романот „1984“, ниту пак денес Македонија е синоним на тоталитарната дистопија на Орвеловиот роман. Денес никој нема територијални претензии кон Македонија, ниту Македонија има територијални претензии кон некоја соседна држава. Денес нема Трет Рајх, по Скопје и Софија не паѓаат бомби, се живее во слобода, се живее во мир, се живее во релативна благосостојба, и воопшто, историјата не е „страшно врела“ каква што беше во дваесетиот век, време во кое паѓаа бомби над Лондон и Англија; денес Орвел е мртов, што значи не е жив, и нема четирисет и некоја година, време во кое ја промислува реалноста во Англија, Европа и светот, пред самиот пад на нацизмот, притоа, Орвел јасно се декларира како антифашист, и во тој момент писателот не прави компромиси со жилавите малограѓански предрасуди кои сами по себе не се ниту „англиски“, ниту „германски“, а богами ниту „македонски“, ниту се родени во тоа време – а пред сѐ неговиот вредносен суд се однесува на антисемитизмот.
Истовремено, а тоа Коцарев Љ. очигледно не го разбира, Орвел е голем вљубеник во пацифистичките струења кои доаѓаат од левицата (не по примерот на нацилевицата на Апасиев): иако и самиот се сложува дека војната е зло, силно се противи на бомбардирање на населението во кое има „жени и деца“. Орвел провокативно фрла ракавица в лице на лицемерниот и селективен национализам (секој национализам е селективен, бидејќи игра на негативна селекција), проблематизирајќи ја мобилизација на „сите мажи“ (а не сите цивили), затоа што разбира дека се недоброволно мобилизирани во „име на сите“, што значи во име на „државата и нација“ ќе бидат, вели Орвел, ништо друго освен топовско месо.
Друга работа што Коцарев Љ. не разбира, а тоа е дека Орвел вредносно е социјалиста, сѐ уште склон во потрага по свет кој ќе биде праведен, однапред грозејќи се на Англија дека се враќа во некаква „предвоена состојба“: истовремено неговиот антитоталитарен рефлекс е беспрекорно развиен (на пример еве ја онаа славна реченица на Орвел во „1984“): „тој што го контролира минатото, ја контролира иднината“ (Коцарев се препознава ли во овие реченици како „свет заштитник на гробовите и историјата“?!), и нималку не е склон (штета по самиот Орвел!) кон воодушевување на советскиот и на него сличен деспотизам како замена за капиталистичката експлоатација.
О, боже, како би се изненадил денес Орвел кога би го видел македонскиот академик како му оперира со неговото врвно дело, хушкајќи и повикувајќи од чиста мода, на обединување на сите националисти, велејќи дека во Македонија со случува ревизија на историјата, а всушност мисли на нов тоталитарен поредок со националистички предзнак, во кој тој ќе го води орото, а „сите Груевисти ќе се вратат во својата држава“. Тогаш ќе го поништиме договорот за мир со Грција, а со Бугарите ќе изградиме тампон зона, бодликава жица, како што ја замислуваше Доналд Трамп Америка со Мексико!?
Мицкоски, на пример, а за тоа би морал да биде свесен и „умниот“ ни академик: нема појма кога е кодифициран македонскиот јазик. Пред некој ден рече дека кодификацијата на македонскиот јазик се случила „некаде таму во 1977 година“. Ако се послужиме со Орвел и неговата „1948“, аналогијата е јасна: „минатото е избришано, бришењето е заборавено, лагата станува вистина“.
Натаму, да одиме со референците на „1984“: „потполна контрола на медиумите и нивно затварање ако не ги почитуваат правилата на информирање од властите“. Има ли човек во оваа земја што не исплука некого од владата, а притоа влакно да му фали? Има ли човек во оваа земја што не ја исплука Бугарија (а и таа нас), па во меѓувреме му фали влакно од главата? Дури го запалија КЦ на Бугарите во Битола, и никому ништо.
Сега, што, на тоа Коцарев би рекол? Сите сѐ исплукаа, а властите уште им велат: „ако, плукајте. Можете и појако и поглупаво“. Така ли ја чита Коцарев потполната Орвелова дистопија? Ако така ја чита, ја чита тупаво. И очигледно нема допир со реалноста.
Орвел во „1984“ ги опишуваше стравовите на тоталитаризмот. И во книгата го опишува тоталитаризмот затоа што насетува дека тоа е крајот на либерализмот. А дека либерализмот ќе го одведе човештвото во ќорсокак, за тоа не се зборува во „1984“. Ама точно е дека Орвел го гледа тоталитаризмот како крај на човечноста: така се завршува неговата приказна – тоталитаризмот почнува кога ќе заврши човечката пристојност и љубезност.
Орвел го опишуваше општеството во кое живееше, пишуваше за рушењето на идејата за либерализмот. Не за национализмот, академиче, за либерализмот, таа идеја од која им се повраќа на нашите националисти. Идеја за која овде те нарекуваат „предавник“ и „одроден“. О, академиче, твоите ги дифамираат луѓето на кои им велат дека се „затруено месо на нацијата“ (Ти, академиче, работиш на одвратна меѓучовека клима во општеството). Ја чувствувате ли, академиче, таа тоталитарна крволочност во ваквата дифамација? Очигледно тоа не го гледа Коцарев, не го гледа тоталитаризмот како проблем во неговиот скаменет идентитетски менталитет, па уште и Орвел го повикува за сведок.
Како се обесмислува јазикот, според Орвел, и тоа академикот лошо го разбира. Во јазикот, приметува Орвел, во самата реченица, се конституираат тоталитарни поредоци. А никој не може да го украде јазикот затоа што за тоа е потребна физичка сила. Орвел во „1984“ ја опишува таа присила. Ја споменавме погоре во текстот присилата на растурање на човечноста. Главниот јунак во романот се одрекува од својата човечност како би се заштитил од своето страдање и болка. Тоталитарниот поредок го користи стравот луѓето да ги присили да се однесуваат обратно од своите убедувања (на пример: „предавници, излезете на улица пред народот свој ако смеете“), во пркос на вредностите кои ги поврзуваат. Под таа присила на идентитетската нација, луѓето се одрекуваат од самите себе и стануваат празна лушпа, стануваат нечовечни, без суштина и својства.
Тоа што е општо место во романот на Орвел: без разлика кои се мотивите на авторот за да го напише „1984“, напиша приказна за кршење на луѓето под притисок на тоталитарната држава. И тоа што Орвел можеби реферира на Западот, греши, затоа што за да се скршат луѓето потребно е гола сила. И Орвел во романот „1984“ ја гледа и монструозноста на државниот апарат, а најмногу, се чини, Орвел го интересираат интелектуалците. И тоа не било кои, туку британските левичарски интелектуалци. Орвел ги гледа како наивни националромантичари кои инсистирааат на помодни дискурзивни керефеки, а не гледаат дека идејата е во различноста, а не во истоста.
Истоста, а не различноста, приметува Орвел, не води во насилство. И оваа вредносна компонента Орвел ја црпи од своето искуство во Шпанската граѓанска војна, дури и напиша сатира против своите колеги левичари кои одбиваа да видат каде води голото насилство во политиката.
Ако Коцарев Љ. навистина го прочитал Орвел, ќе види дека тој е претставник на таа елита која Орвел во романот ја критикува. Ако ја немаше силеџиската држава, романот на Орвел „1984“, како што површно го разбира Коцарев во својот урнебесно смешен текст во „Нова Македонија“, немаше да звучи така сериозно и строго. Ама елитата која стои позади академикот Коцарев не е воопшто забавна и смешна. Коцарев е смешен, ама епигоните кои стојат позади него не се смешни, туку се трагични и опасни. За таква држава пишуваше Орвел во романот „1984“.