Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска објави дека го повлекува своето барање за пратенички имунитет од судско гонење поради обвиненијата за три случаи на корупција.
Нетанјаху на Фејсбук објави дека „одлучил да не дозволи продолжување на таквата валкана игра“.
Кнесетот денеска треба да дискутира за формирање на комитет кој би расправал за барањето на премиерот за имунитет.
Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на довербата во три случаи, вклучително и мито во еден од нив. Тој ги негира сите обвинувања. Додека неговата конзервативна партија Ликуд планира да ја бојкотира најавената седница на Кнесетот.
– Во овој судбоносен час за народот на Израел, кога сум во САД во историска мисија да се одредат постојаните граници на Израел и да се обезбеди иднина за следните децении, од Кнесетот се очекува да отвори уште една претстава во циркусот за укинување на имунитетот, напиша Нетанјаху на Фејсбук.
Израелскиот премиер денеска ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, при што ќе биде претставен долгоочекуваниот мировен план за Блиски Исток на администрацијата на САД.
Барањето на Нетанјаху за укинување на пратеничкиот имунитет отвора пат кон судски процес против него пред третите парламентарни избори за помалку од една година, што се закажани на 2 март.