пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Навидум, тенка е линијата меѓу поимот „национален идентитет“ и „национализам”. Но, суштински, има дебел ѕид меѓу нив, не линија. Од двете страни на тој ѕид се двете лица на гордоста. Си дозволуваме да го користиме зборот „гордост“ за две спротивни работи. Едната е доблест, другата е порок.
Едната, доблесната страна, означува свест за сопствената вредност произлезена од свеста за себе (и како колектив), способност да се согледа колку добиваш автентичен респект и одобрување од заедницата на еднакви или поавторитетни од тебе (кадешто ти не можеш да направиш инженеринг на одобрувањето, на пример ЕУ), како и разум за проценка каде точно му е местото на тоа што го правиш во системот на вредности, евентуално нијанса подолу (скромност), но никако погоре.
Кога ќе речеш „Јас сум Македонец”, би требало да знаеш како тоа звучи во ушите на другите народи. Тоа е она што другите сметаат дека придонесуваш во светов, не само за средување на сопствената држава, иако и тоа е за почит, среденоста е зрелост. Тогаш можеш да БИДЕШ национално горд. (Никако „да чувствуваш гордост“, оти ако „чувствуваш”, тогаш тоа не е доблесната гордост).
Ако забегаш погоре во проценката на себеси и сопствениот колектив, тоа значи дека не можеш да ги препознаеш вредностите, а тоа, пак, значи дека си незрел, па другите, еднаквите и поавторитетните од тебе, гледаат во тебе само надуена будала. Или мало, инаетливо дете. Порочната страна на гордоста, то ест.
Ако си во група (или партија) којашто уште и дополнително се обидува да го измести системот вредности со невистини, пропаганда, манипулации со чувства, со цел сопствената вредност да ѝ изгледа поголема, тогаш твојата група е група од надуени будали, од која сите други луѓе, групи, нации, автоматски се поавторитетни. Таква група се изразува со „чувства”, поттикнува лутина, инает, одговара без мислење со „не“ за важни прашања, организира чувство на беспомошност кај луѓето при пропагандно послужените од неа услови и нарцисоидно ги обвинува сите други со секакви погрдности: Зошто, о, зошто не можат да ја согледаат нејзината толку многу „голема” вредност.
Тоа е рецептот за национализам. Празна, надуена, инаетлива гордост. Горделивост, можеби: сосем спротивна на зрелата и автентична гордост, состојбата на висока енергија, за која биле потребни дела, работа, за националниот идентитет (и кој било друг идентитет) да добие дефиниција, облик.
Национализмот, од друга страна, не само што е точка на најниска енергија (како што е дното), туку е и високо-ентропична дупка низ која истекува животната енергија и вредности, поединечно и колективно.
Всушност, како што лесно ќе се лизне едно неопремено со квалитети суштество удолу, секој нејак карактер обожава да си се замислува како „херој сам против цел свет плус предавниците”. Ете, МАНУ мислеше дека има крилја… И ја запусти сопствената животна енергија, вредност, како институција. Не знам дали сега приметува.
Но, зошто ВМРО ДПМНЕ така НАМЕРНО го практикува празниот, надуен национализам (претерувања со квазиисторија, квазигеографија), наместо да работи на зацврстување на државата, суштински институционално, преку развој на националниот идентитет?
Рецептот за национализам, секако, не го измислила ВМРО ДПМНЕ, тој постои многу пред нејзиното постоење, но таа решава да го практикува и да не прифаќа ништо надвор од тоа. Но, заради намерноста на практикувањето, ситуацијата која ја создава во државата е посложена отколку што би била само од клика на надуени будали. Ги имаме сите индиции дека надуената будалост е наменета само за симпатизерите и долните ешалони на партијата.
Што е нивниот ковчег со богатство? Доволно ли им е добивање владини функции заради владините функции (и привилегии, притисоци, палатата и пари), или функциите треба да послужат и за испорачување нешто некому?
Ако не, зошто тогаш ВМРО ДПМНЕ не прави никаков придонес во средување на институциите во сопствената држава (а како власт – и директна штета)?
Зошто не прави никаков придонес во вредностите на автентичната национална гордост (како власт – уште и манипулира и измислува други, слатки-лажни вредности како антиквизацијата) и со тоа директно ја намалува вредноста на нацијата (етничка), а кое намалување потоа се прелева на разнишување државноста?
Со кое лице излегуваат да проповедаат за гордост и „национален идентитет”, ако повеќе од половина народ го исклучуваат од тој „идентитет”? Уште и му се закануваат?!
Порано се вртеа кон исток, флертуваа со Русија, инсистираа на бугарски историски елементи, ги иритираа Албанците, а устата – полна со ЕУ и НАТО. За НАТО не гласаа и излезе на виделина површната природа на нивниот национализам. Името НЕ Е идентитет, на пример многу жени со бракот го менуваат, па тоа не менува кои се тие. Сега кога дојде време за ЕУ, пак не гласаа, откако го извалкаа Собранието со гнасно лаење од говорница. Сега се ловат меѓу себе по нотари како разбегани овци од стадо за да НЕ се направи дистинкција во Уставот меѓу Македонци и Бугари.
Најпосле, зошто во етеров наш нема новинар што ќе го праша Мицкоски кому му служи тоа удирање в гради со лажната гордост ПРОТИВ 3504 Бугари, додека сè уште во цел регион лебди албанскиот сон (Euronews, 16.02.2021, изјава на Курти) и покрај тоа што Македонија (никогаш со ВМРО ДПМНЕ на власт) ги овозможува сите права на албанската етничка заедница?