Во Скопје денеска ќе продолжи втората меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“, во организација на Министерството за надворешни работи (МНР), а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.
Во фокусот на конференцијата оваа година се темите за вклученоста на жените во меѓународните односи, нивната улога во креирањето политики, водењето преговори, справувањето со конфликти и обезбедувањето одржлив мир.
Целта е да се споделат искуства поврзани со постигнувањето на целосно репрезентативен кадар преку вклучување на родовиот аспект во полето на надворешната политика.
На настанот меѓу другото за денеска е најавено обраќање и на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, министерките за труд и социјална политика и за одбрана Јованка Тренчевска и Славјанка Петровска, како и заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Вчера на конференцијата свое излагање имаше министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој порача дека општествата се многу стабилни доколку жените се политички и економски моќни.
Според вицепремиерката задолженз за политики за добро владеење, Славица Грковска, Владата има цврста определба да креира политики кои ќе создадат услови за родова еднаквост во сите полиња.
– Праведното општество е предуслов за мирот во државите и светот и затоа ова прашање не е „женско“, туку ги засега подеднакво жените и мажите, порача вчера на конференцијата Грковска.
На настанот и денеска се очекува да присуствуваат поголем број државни функционери, истакнати личности од политичката фела и од експертската јавност, дипломати од регионот и пошироко како и претставници на младински организации во земјата. Преку споделување на нивните искуства, учесниците ќе ја зајакнат ЗБ6 Мрежата на жени во надворешна политика, која во иднина ќе биде отворена за соработка и со други меѓународни мрежи.