Со едногласна поддршка пратениците во Соборанието, во вторник, гласаа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓански здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ.
И двата предлога доаѓаат како реакција на отворањето на клубот „Ванчо Михалјов“ во Битола и „Цар Борис 3“ во Охрид, за кои имаше бурни реакции во јавноста за нивното именуање по личности познати по нивните нацистички и фашитички убедувања.
На оваа тема Цивил Медиа разговара со пратеникот и координаторот на пратеничка група на Коалицијата „МОЖЕМЕ“, Јован Митрески.
ЦИВИЛ Медиа: Каков е кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ да дава предлог-измени на законот за граѓански здруженија, кога до пред само неколку години спроведуваше судско-полициски прогон и медиумска хајка против нив? Впрочем, партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ до ден-денешен се служи со погрдни и клеветнички изрази, како „предавници“, „странски платеници“ и други изрази.
Митрески: Сведоци сме на тоа што се случуваше, посебно во периодот по објавувањето на таканаречените политички „бомби, посебно со нивниот прогон кон сите невладини организации, нарекувајќи ги соросоидни, со финансиски полиции, со УЈП, со секакви инспекции, сѐ со цел да ги затворат, мислејќи дека ќе направат штета на нивното тогашно владеење. За нивна жал, тоа не им успеа.
Од тој аспект немаат никаков кредибилитет да зборуваат за невладини организации. Но и во моето излагање која ја образложив потребата од скратена постапка и на Законот за политички партии, осврнувајќи се и на Законот за здруженија на граѓани и фондации, реков дека врв во една демократија е здружувањето на граѓаните по секоја основа. Меѓутоа ние треба да имаме предвид кои се темелите на нашата држава, а таа се темели на антифашистичките вредности.
Тука не треба да имаме никаква дилема дека здруженија што предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните да дозволиме да се формираат врз основа на веќе постојниот закон. Затоа го прифативме и нивниот закон онака како што е поднесен, без разлика што стварно немаат легитимитет да зборуваат за здруженија на граѓани. Меѓутоа на темата антифашизам или здруженија што се формираат на тој начин, да не можат во иднина да се формираат, а тие што веќе постојат законски да ги променат своите имиња, статути и програми за да можат да продолжат да функционираат, ако не да бидат избришани од Централниот регистар.
ЦИВИЛ Медиа: Кога веќе се носат измени за невладините организации, логично е и партиите да се обврзат на принципите за борба против национализмот, фашизмот и омразата. Кој е Вашиот личен став (и ставот на партијата/институцијата/организацијата) што ја претставувате?
Митрески: Јас сум првиот потписник, па потоа се приклучија и многу пратеници на тој закон затоа што идејата на тој закон е ако ова што го предлага ВМРО-ДПМНЕ важи за здруженијата, најпрво треба да важи за политичките партии. И тие се еден вид на здруженија, ама имаат една повисока и поголема одговорност, затоа што излегуваат пред граѓаните, излегуваат со програма, излегуваат на избори, можат да бидат избрани, да влезат во Собранието, да носат одлуки или да влезат во Советите на општините итн. Ама се на едно повисоко ниво во политичката одговорност што ја преземаат и затоа идејата беше дека тоа што важи за здруженијата на граѓани мора да важи првенствено за политичките партии.
Точно е дека тоа е истиот текст, буквално како што стои во законот по предлог на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија, со единствена цел да нема никаква дилема или обвинувања од нивна страна дека не знам каква задна намера има во функционирањето на политичките партии. Единствено тоа како што тие го напишале во законот за здруженија на граѓани истото да важи и за законот за политички партии.
Откако влезе законот во процедура се отвори дилема и почнаа обвинувања дека некој има намера да затвори некоја партија, посебно доаѓа од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Нема никаква врска ниту логика. Затоа што нема такви одредби во законот ниту пак намерата ни е таква. Но, во иднина и сега ако постојат партии што се повикуваат на нацизам, на нацио-социјализам, на фашизам, Третиот Рајх, ако важи за здруженијата, мора прво да важи за партиите. Во иднина мораме да ги видиме и другите аспекти. Мора да го видиме Законот за трговски друштва, Закон за спортски клубови, тие се работи кои допрва ќе ги разгледаме и можеби ќе треба да реагираме и таму за да коригираме во законскиот текст за да и тоа не се случува и во трговските друштва и во спортските клубови.
Ние имаме ситуација на нелогичност која се создава прво кај мене како предлагач на Законот за политички партии. Од една страна се повикуваат на континуитет. Во тој континуитет се спомнува името на Ванчо Михајлов кој што тогаш го предводел историското ВМРО на три конгреси, значи бил претседател 10 години. Ако се повикуваат на континуитет треба да кажат дека тој не е во нивниот континуитет, бидејќи нели го осудуваат Ванчо Михајлов во Битола. Од друга страна имаме во штипско Ново Село Музеј на револуционерна борба и ако ги видите изјавите во декември 2014, изјавите на Никола Груевски, на тогашната министерка за култура, на отворањето, ќе видите дека Ванчо Михајлов го набројуваат во револуционерите и националните херои со сите други. Трета страна, денес пуштаат закон во процедура во кој се оградуваат од фашизам, нацизам, Третиот Рајх, каде што бил Ванчо Михајлов. Затоа кажав, најдобро е тие сами да кажат дали е така или не е. Ниту за бришење, ниту за гасење станува збор, меѓутоа треба барем ние како политичари да бидеме јасни пред граѓаните која е нашата идеологија, што е тоа што го застапуваме.
ЦИВИЛ Медиа: Дали постои некое законско решение, дали овој закон тоа го опфаќа, ако решат да не ги испочитуваат законските обврски, да не ја сменат програма или ако ја сменат, на хартија, да не ја елаборираат во јавност, односно да продолжат со истата националистичка реторика, фашистичките и други наративи?
Митрески: И во едно демократско општество не дај боже да влеземе со законска процедура ние да забраниме кој што сака да зборува. Меѓутоа во документите, оние што доаѓаат пред надлежните институции, секако дека можеме. Да тоа може да се случи, но ние со закон не може да забраниме кој што ќе зборува и кога ќе зборува и каде ќе зборува. Ама како политичари треба да излеземе на чистина да знаеме кој за што се залага. Затоа е таков текстот на Законот за политички партии.
Впрочем и тоа гасењето на политички партии, како што е предвидено во Законот за здруженија, не стои во законот за политички партии, за пак, да не бидеме обвинети дека имаме некоја задна намера, цел, за гасење на партии.
Не. Целта е нека излезат пред граѓаните нека кажат јасно кој за што е, какви документи има, не смее да има такви документи според законот, а што ќе застапуваат и што ќе зборуваат тоа е нивно право. На крај ќе ценат граѓаните дали се за, против некоја политичка партија. Сепак политичките партии се на едно повисоко ниво од здруженијата, излегуваат пред граѓаните и ја бараат довербата. Дали ќе ја дадат довербата тоа е неприкосновено право на секој граѓанин.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа