Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Пред некој ден, едно дете од Невада почина од инфекција што ја предизвикува амебата Naegleria fowleri. Објавено е дека и во областа Хилсбург на Флорида има еден заразен. Од 1962 до 2017 година во САД се забележани 143 инфекции од кои 139 биле фатални.
Амебата живее во слатки води на температура меѓу 11 и 40 степени.
Во телото влегува преку слузокожата на носот.
Се настанува и размножува во мозокот.
Ја викаат уште и „амеба која јаде мозок“.
Кај нас, амебата која јаде мозок е сувоземна.
На латински се вика Naegleria fowleri dpmnidis, скратено-вмро.
За разлика од амебата од езерото Мед во близина на Лас Вегас, кај што се заразило несреќното дете, македонската амеба, им го јаде мозокот на луѓето, но не ги умира физички.
Само ги шлакосува, зомбира и роботизира и преку принципот на критичната маса кај одреден вид, болеста се шири на поголема група со очигледна опасност да биде обезмозочена целата нација.
И без физички контакт меѓу единките.
Најјасен симптом на инфекцијата е страста на заразените да работат против интересите на заедницата, уверени дека тоа е најдоброто и за нив и за сите.
Да се урне Македонија која за време на обезмозочувањето е означена како извор на сите зла.
Да се урне власта која работи само и исклучиво против интересите на граѓаните и против националните интереси.
Да се урнат институциите кои ги користи власта за да им наштети на луѓето и на македонскиот народ.
Да се урне историската, политичка и културна основа и легитимација на државата која го измачува својот народ и го држи со чувство на неподнослива несреќа.
Па да се изгради нова Македонија во која ќе се знае кој е газда и чива е државата.
Амебата развива интензивни халуцинации, појаки отколку оние што ги развива елесдито.
Да речеме, дека амебата ќе ги растури преспанскиот и бугарскиот договор, дури и охридскиот, ќе ја избрише придавката северна од името и ќе го врати уставот во претпреспанската состојба. Дека за остварувањето на овие цели е подобро во наредните триесет години да не влегуваме во Европската унија.
Тоа е како да ѝ ветуваш на Македонката со пет деца дека ќе ѝ ја вратиш невиноста со нови пенетрации со безбол палки на кои ќе пишува „Македонија фор евер“.
Или дека на Македонецот ќе му обезбеди пенис до земја така што ќе му ги ампутира двете нозе.
До горе.
Хахаха!
Значи, прво се инфантилизира нацијата, а потоа и се подметнуваат инфантилни проекти за одржување на свежата инфантилност кај хората.
Вистинското значење на тие операции е во тоа да го држат македонството во статус на неконсолидираност. Сѐ додека не го стигне судбината на детето од Невада. Во статус на проблематичност која се продлабочува.
Тие мотиви стоеја зад инфантилниот проект што го крстија Скопје 2014. Тие мотиви беа зад смоквата дека потекнуваме од Александар.
Се сеќавате на тие неверојатни блесавости. Кои поминаа без да се отстранат последиците врз менталниот, морален и културен код на Македонците.
Еве сега, слушам дека ќе барале Нов договор за Македонија.
Во кој Македонците ќе ги добијат работите што ги загубија со Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор, а Албанците и сите други, ќе се согласат да загубат дел од придобивките и во поглед на внатрешниот статус и во однос на евроинтеграциите, кои се за нив битни.
Се разбира, Горското началство знае дека таа работа не ја бива.
Или навистина не е свесно што прави.
Дека Македонија нема ресурси што било да менува околу статусот на Македонците кој би бил на штета на Албанците. И дека не само што нема потреба тоа да го прави, туку треба да ги направи последните чекори до целосната етничка, верска и културна рамноправност.
Тоа е новата димензија на македонската идеја.
Но, во случајот, идејата е дека расправата за тој нов и невозможен договор ќе ја потврди, а можеби и продлабочи тезата за неконсолидираноста на државата и нацијата. Тезата која стана речиси општоприфатена преку паролата дека „од нас не бидува држава“, главна поента на вмро кога е во опозиција и главна ориентација кога е на власт.
На исто се сведуваат и волшебно глупавите, но за оглупавениот народ лепливи тези дека Европа ќе нѐ асимилира и бугаризира преку две-три промени во учебниците за не знам кој клас или преку националното потекло на Самоил и Гоце, преку неколку клубови со проблематични имиња и дека дистанцата од Европа и вмро на власт, се двата клучни услова за опстанок и просперитет на македонскиот народ.
Ориентацијата, се разбира е тотално спротивна на овие инфантилни декларации, односно дистанцата од Европа и власта на вмро се клучни елементи на заговорот за убиство на Македонија со предумисла.
И спектаклот со Данелчето е од тој арсенал. Арсеналот на континуираната декапацитација и исмејување и карикатуризација на македонските државотворни потенцијали.
На Денот на амебата Naegleria fowleri dpmnidis, не би имал што друго да кажам. Освен да предупредам, по којзнае кој пат: Не се бањајте во таа вода или, ако баш морате да се бањате, ставете си штипалки на носот или бутнете во дупките употребени женски влошки, оти постои уверување дека за разлика од ајкулите, крвта ги одбива амебите.
Можеби само уште едно потсетување на мојот статус, малку освежен, се разбира, од пред некоја година:
Помирување, помилување и простување може да има само во идејниот и вредносниот систем на победникот.
Ако нема победник, има војна, пропаѓање или примирје – трамполина на новите катастрофи.
Поразениот му се потчинува на победникот и за сметка на тоа добива шанса да се интегрира.
Дури и да победува.
Победникот не мора да биде војска, партија или личност, туку вредност.
Договорот со Грција, референдумот и собраниската победа на нормалноста, влезот во нато, договорот со Бугарија, преговарачката рамка и почетокот на преговорите со Европската унија, категоричната осуда на руската агресија и безрезервната поддршка за Украина, се темели на победата на модерна, европска, либерална, демократска Македонија.
Неверојатни подвизи на нашата мала и убава земја.
Во неа можеме да се помириме.
Не меѓу неа и александризмот или комитопулизмот или комитизмот или вмровизмот или груевизмот или… со еден збор – ненормалноста, неморалноста и криминалот.
За да биде вистинско и вредно, помирувањето мора да биде постигнато во правдата како клучен постулат на победникот.
Кој не е СДСМ и не е Заев, не е Ковачевски и не се ДУИ и Ахмети, туку е една многу поширока категорија во која вредносниот критериум е далеку над партискиот или персоналниот.
Македонија не се помирува со вмро-дпмне, зашто тоа е невозможно, но, може да се помири со луѓе кои ќе се зафатат со мисијата да го ослободат членството на таа организација од кретенизмот што му го всадуваа сиве овие години.
Откако ќе ја соберат таа излеана река на просташтвото и насилството, можат да формулираат какви сакаат политики во рамките на европска Македонија.
И утре да дојдат на власт.
Помирувањето подразбира дека темата за таканаречените национални интереси, идентитети, предавници и слични тралалајки, се суспендираат и ќе бидат високо казнива категорија во наредните сто години.
Јас знам дека меѓународната заедница и сдсм ќе инсистираат на одржување на минималната рамнотежа на системот, односно дека ќе одат на помирување меѓу таканаречените елити. Тоа е, односно ќе биде, фарса, блеф, дури, би рекол – зло. Но, океј, ајде да видиме што ќе се случува. Но, мора отворено да се каже дека оваа шанса за вистинско, реално и трајно помирување, тешко дека ќе се повтори.
Тоа треба да биде работа и избор на луѓето, на граѓаните, а особено на оние на кои многу им значи да бидат Македонки и Македонци.
Потребна е промена на перспективите кај многу луѓе.
Алтернативата е да се помириме и обединиме во вмро.
Во амебата.
Тоа не е исклучено и затоа чувајте ја оваа колумна и книгите на Тричковски.
За да знаете низ која поза на Камасутра сте успеале да си го начукате на самите себе.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.