Русија ја прогласи Наталија Синдејева, водителката на независниот ТВ канал Дожд, за странски агент, заедно со двајца колеги новинари во најновата акција против граѓанското општество.
Агенцијата Франс прес објави дека имињата на Наталија Синдејева, Владимир Роменски и Екатерина Котрикаџа се појавиле на најновата листа на „странски агенти“ на руското Министерство за правда.
Тие биле додадени на тој список „поради нивните политички активности“, соопшти Министерството.
ТВ Дожд беше отворена во 2008 година и ја следеше руската опозиција и протестните движења, а минатата година самиот канал беше означен како „странска агентура“.
Сите големи независни медиуми во Русија, вклучително и радио станицата „Ехо на Москва“ и ТВ „Дожд“, се затворени или го прекинаа своето работење во земјата.
Дожд ги заврши своите активности во Русија и го прекина емитирањето од Русија со емотивна емисија на 3 март, помалку од две недели по руската инвазија врз Украина.
Каналот продолжи да емитува програма на 18 јули од студио во соседна Летонија.