Девизните резерви растат и се очекува дека нивното ниво ќе биде стабилно и на среден рок. Курсот на денарот исто така е стабилен и е закотвен за еврото. Макрофинансиската стабилност на земјава е задржана, ова се наведува за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич”, којашто го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+.
Во извештајот се посочува дека инфлацијата, којашто од почетокот на годинава во просек изнесува 12,4%, се должи на растот на цените на енергијата и на храната, коишто учествуваат со над 50% во потрошувачката кошничка. Очекувањата на Агенцијата се дека со стабилизирањето на цената на енергентите, од следната година инфлацијата ќе започне да се намалува. Ризиците за ова сценарио се нови ценовни шокови, очекувања за подолготрајна инфлација и притисоци преку раст на платите. „Фич” бележи дека Народната банка од април започна со зголемување на основната каматна стапка, којашто во неколку наврати е покачена за вкупно 2,25 процентни поени и сега изнесува 3,5%. Во отсуство на притисоци врз курсот, монетарната политика е насочена кон справување со инфлациските очекувања.
Извор: ПАРИ. МК







