Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски искажа став за ветување на актуелната власт за промена на суштината на македонската држава преку јазикот, историјата и идентитетот, кои не се поткрепени со ниту еден релевантен аргумент или факт, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост.
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, гостувајќи на емисија на ТВ Алфа изрази став околу неприсуството на претставници на власта во С. Македонија за време на отворањето на Клубот Вапцаров во Благоевград, во кој може да се детектира невистина:
Власта има дадено ветувања кои сега мора да ги реализираат, а едно од ветувањата е дека ќе ја променат суштината на македонската држава, македонскиот јазик, македонската нација. Да ги променат и корените кои македонската држава, нација и јазик кои си имаат свој јасен историски и политички континуитет кој оваа власт се обидува да го избрише и уништи, изјави за „Заспиј ако можеш“ на Алфа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој истакна дека затоа претседателот на владата не сакаше да се појави во Благоевград, а претседателот на државата лажеше, затоа што тој кажа дека не можел да се појави дека не добил покана, но откако доби покана, истиот кажа дека не можел да присуствува затоа што имал однапред преземено обврски.
[Извор: Курир – Николовски…, датум: 31.10.2022]
ОБРАЗЛЕНИЕ:
Зборовите на Николоски кои се речиси стопроцентно точно пренесени и одговараат на оригиналот искажан во емисијата за време на интервјуто (види тука од 1:08:56 во видеото), се дадени како одговор на новинарското прашање зошто на таков важен настан за Македонците не присуствувале премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и други претставници на државата. Но, тие зборови на Николоски се едноставно спин, затоа што немаат врска со фактите.
Имено, не постои ниту еден пишан документ или друг непишан договор за кој што би се шпекулирало, кој би укажува на тврдењето на Александар Николоски. Бидејќи се однесуваат и се во контекст на односите меѓу Северна Македонија и Република Бугарија, најлогичен елемент кој треба да се провери за да се провери вистинитоста на искажаното од Николоски, е Договорот меѓу Скопје и Софија потпишан во 2017 –тата година.
Станува збор за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, а единствените два члена кои би можеле да се однесуваат на идентитетски прашања или прашања за јазикот, историјата, суштината на нацијата како што тоа го вели Николоски, се челновите 8 и 11 од документот.
Во точката 8 од Договорот се наоѓа и членот со кој двете држави формираа заедничка комисија за историски и образовни прашања. Еве што се вели во овој член:
Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.
Како што може да се види од прецизните зборови во членот, станува збор за Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на паритетна основа…Поаѓајќи од досегашната работа на оваа комисија во која членуваат 14 членови, по седум од Скопје и Софија, јасно е дека истата не може да носи заклучоци доколку не постои заемна согласност на сите членови. Па оттука, овој член доколку е позадината на зборовите на Николоски, е јасно дека не соодветствува на зборовите „ветувања дека ќе ја променат суштината на македонската држава, македонскиот јазик, македонската нација“.
Бидејќи контекстот во кој беа искажани зборовите на Николски се настаните околу отворањето на Клубот Никола Јонков Вапцаров во Благоевград, постои само уште еден член од Договорот од 2017 година кој би можел да се однесува на искажаното, наводно ветување на власта за суштината на државата и идентитетот. Станува збор за членот 5 во точката 11 од Договорот во кој се наведува:
Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија.
Овој, исто така прецизен текст од Договорот, се однесува на луѓето кои се чувствуваат како Македонци, а се државјани на Република Бугарија и кои не се признати како Македонци. Со овој член од Договорот Скопје се обврзува дека нема да декларира билатерални или меѓународни барања или нема да презема дејства во таа насока, за почитување на малцински права на Македонци во Бугарија, но во контекст на нешто што би произлегло од Уставот на Република Македонија, односно денес Северна Македонија. Иако овој член не значи дека С. Македонија не може во рамките на Советот на Европа да го постави прашањето за почитување на основните човекови права, во смисла на неисполнување на бројните пресуди од Судот за заштита на човековите права од Стразбур за правата на здружување, сепак, може да се толкува како евентуална политичка причина зошто премиерот или претставник на Владата не присуствувале на отворањето на клубот во Благоевград.
Но, секако, овие два члена од Договорот, или, пак, кој било други членови, или, пак, кој било друг договор, да речеме Преспанскиот, во никој случај не можат да се толкуваат како подлошка за тврдењето на Николоски – дека власта „има дадено ветувања кои сега мора да ги реализираат, а едно од ветувањата е дека ќе ја променат суштината на македонската држава, македонскиот јазик, македонската нација“.
Оттука, може да се оцени дека зборовите на Николоски кои беа предмет на оценка на вистинитоста се невистина, т.е. празни зборови со тврдење кое не е поткрепено со факти.