Во интервју за Утрински Печат на11.22, историчарот Тодор Чепреганов изјави дека некој политичар потпишал дека со Бугарите сме еден ист народ: „Не знам кој политичар ја имаше таа храброст да го потпише тоа дека со Бугарите имаме заедничка историја и дека сме во суштина еден ист народ. Едноставно, еден народ во две држави. Заедничка историја има еден народ. Не може два различни народи да имаат една заедничка историја.“
Но, еве што пишува во договорот: „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“. Значи, во Договорот со Бугарија не се зборува за еден народ, туку за народи, во множина!
Следствено, тврдењата на историчарот Чепреганов не се вистинити. Во договорот не се споменуваат изразите „еден ист народ“ и „еден народ во две држави“. Освен тоа, неточни се и тврдењата на Чепреганов дека „Заедничка историја има еден народ“ и дека „Не може два различни народи да имаат една заедничка историја.“
На пример, СФРЈ беше држава во која заедно живееја повеќе народи и народности, кои споделуваа заедничка историја повеќе од половина век.
За заедничка историја може да зборуваат и сите народи кои произлегоа од Отоманската империја.
Заедничка историја имаат и сите народи кои живеат во ЕУ, за што зборуваат и европски политичари и историчари.
Оттаму, и тврдењето на историчарот Чепреганов дека „не може два различни народи да имаат една заедничка историја“ го оценуваме како невистинито.