Штедењето на електрична енергија е добро за околината, но и за џебот на граѓаните, а особено во услови на енергетска и финансиска криза кога секој заштеден киловатчас е значаен.
Не секој човек размислува за придобивките од енергетската ефикасност, што води кон тоа луѓето да не се добро информирани кога во прашање е потрошувачката на струја. Изминативе години се појавија бројни митови околу искористувањето на електричната енергија, а истите и денес создаваат заблуда, но и лоши навики кај некои од нас.
Затоа, во новата епизода на „Зошто (не) е така“ претставуваме и зборуваме за дел од најпознатите митови за потрошувачката на електрична енергија. Митовите ги коментираат Марина Узунов, портпарол на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Виктор Димитриевски, експерт за енергетика и енергетска политика во ЕВН Македонија.
1. Подобро е клима инвертерот во текот на зимата да работи 24/7 отколку да го вклучувам и исклучувам на секое влегување и излегување од домот. Така ќе потроши помалку струја.
Не е така. Пред сè, ова зависи од тоа колку време во текот на денот реално престојуваме дома. На пример, ако сме цело време дома, тогаш е во ред во текот на зимата, посебно кога е студено, клима уредот постојано да биде вклучен. Притоа, би било практично ноќно време да ја намалуваме температурата, а денски да ја зголемуваме.
На пример, ако денски температурата ја подесуваме на 24 степени, најдобро е навечер да ја поставиме на 18 степени за просторијата да остане млака и наутро полесно да ја загрееме.
Од друга страна, ако подолг период во текот на денот не престојуваме дома, на пример, ако родителите и децата заминат на работа или во школо во 7 часот наутро и нема да се дома до 15 часот попладне, тогаш е подобро клима уредот да биде исклучен, а тајмерот да го наместиме да се вклучи еден час пред да се вратиме дома за да просторијата се затопли.
2. Електронскиот полнач не троши струја доколку е вклучен во штекер, но на него не е приклучен телефонот.
Не е така. Електронскиот полнач троши струја дури и кога на него не е приклучен телефонот затоа што тој има негова сопствена потрошувачка кога е вклучен во штекерот, односно кога е под напон. Електрониката работи, а таа си има нејзини загуби. Тоа не е некоја значителна потрошувачка, меѓутоа кога ќе се соберат повеќе такви уреди во текот на цел месец или цела година, сепак не станува збор за мала потрошувачка на струја.
Секогаш исклучувајте ги полначите од штекерите. Сè што е вклучено, троши струја.
3. Поставувањето на температурата на термостатот на повисок степен побрзо го загрева домот.
Ова е така. Во ред е да го поставиме термостатот на повисок степен ако сакаме побрзо да загрееме некоја оладена просторија и да го затоплиме домот. Меѓутоа, треба да имаме предвид дека со тоа ќе потрошиме и поголема количина на електрична енергија.
Се препорачува, кога ќе ја постигне саканата температура, термостатот да го поставите на 21 степен.
4. Рачното миење садови наместо вклучувањето на машина за садови може да заштеди енергија.
Не е така, затоа што новите машини за садови трошат, во просек, и помалку електрична енергија, а и помалку вода. Секако, тука може да има исклучок, односно ако треба да измиеме помала количина на садови, но реално никогаш не ја вклучуваме машината за садови кога таа не е полна.
5. Апаратите за домаќинство трошат струја дури и кога се исклучени.
Делумно е така, затоа што некои апарати за домаќинство трошат струја дури и кога се исклучени. Тука можат да се вбројат телевизорот, компјутерот и некои други електронски уреди. Меѓутоа, има апарати во домаќинството кои не трошат струја кога се исклучени, а тука можат да спаднат шпоретот и бојлерот. Во секој случај, кога сме подолго отсутни од дома, на пример кога сме на одмор или на некое патување, паметно е да ги исклучиме сите апарати од струја.
6. Подобро е преку ноќ компјутерот да го ставам во режим на спиење или хибернација, наместо да го исклучам целосно.
Не е така. Сепак е подобро компјутерот и лаптопот да се исклучуваат целосно, а не да се ставаат во режим на спиење или хибернација, односно во „sleep mode“, затоа што во тој режим компјутерот сепак користи струја. Ако не е приклучен во штекерот, лаптопот ја користи струјата од батеријата. На тој начин, батеријата се празни и потоа ќе треба дополнително да ја наполниме, со што, повторно, ќе потрошиме и поголема количина на електрична енергија.
Така што, исклучувајте ги компјутерот и лаптопот во целост.
7. Светлината од ЛЕД светилките е послаба од онаа кај „обичните“.
Не е така. ЛЕД светилките даваат ист интензитет на светлина иако впечатокот можеби е послаб. Најновите генерации ЛЕД светилки имаат дури и подобри карактеристики од старите обични сијалици. Добро е да се нопомни и дека ЛЕД светилките трошат дури десеткратно помалку струја од „обичните“ сијалици.
Затоа се препорачува сите сијалици во домот да ги замените со ЛЕД светилки. Мала инвестиција значи голем исчекор на долг рок.
8. Уред дизајниран за 230 волти користи повеќе електрична енергија од уред дизајниран за 110 волти.
Не е така затоа што сите уреди, независно дали се дизајнирани за 230 волти или 110 волти, користат иста количина на електрична енергија. Имено, електричната енергија е производ од напонот и струјата, односно од волтите и амперите. Со други зборови, ако еден уред работи на 230 волти, тој ќе повлече помалку струја, а доколку работи на 110 волти ќе повлече повеќе струја. И во двата случаја, потрошената електрична енергија е иста.
Бонус совет за штедење енергија?
Мерките за штедење на електрична енергија би можеле да се поделат на мерки без инвестиции и мерки со инвестиции.
Мерките со инвестиции вклучуваат замена на уредите во домот кои користат електрична енергија со исти такви што имаат поголема класа на енергетска ефикасност. На пример, ако фрижидерот што го имаме во моментов дома е во класа на енергетска ефикасност Б или Ц, и ако ние планираме да купиме нов фрижидер, добро е да купиме фрижидер со енергетска ефикасност А+ или А++ кој троши помалку струја, за да постигне ист резултат, односно иста температура. Истото се однесува и за машината за перење и за другите уреди.
Оние мерки кои се без инвестиции се, пред сè, менување на свеста околу потрошувачката на електрична енергија, односно менување на нашите потрошувачки навики. Ако гледаме телевизор во ред е да биде вклучен, но ако не го гледаме, подобро е да го исклучиме и така треба да правиме и со сите други уреди. Тука би ги вбројале и полначите за мобилни телефони и за лаптопи.
Бонус совет: ако не живеете со баба, веднаш да си вселите, затоа што истата секогаш ќе знае да ви го даде вистинскиот совет за штедење. Исклучува светилки каде што се непотребни и ве учи кога да ги вклучите останатите апарати на евтина тарифа.
Извор: МЕТА