„Потребно е редовно одржување на целиот систем за да имаме културно развивање и културна програма. Доколку се стабилни платите, доколку културната фела не размислува за тоа дали ќе имаат плата, дали ќе може да одржат проба или претстава се остава простој за развој“ изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето на Сител ТВ.
Таа истакна дека со буџетот за 2023 година се зголемени ставките за плати и комунални услуги за културните установи и дека ова е прв пат за цела година однапред да бидат обезбедени платите за сите вработени во културата.
Министерката Костадиновска Стојчевска кажа дека се решени проблемите со долговите на Опера и Балет, Универзитетската библиотека и Албанскиот театар, кои поради стари долгови имаа проблем да ги исплаќаат редовните сметки.
„Владата ни излезе во пресрет и ни додели финансиски средства со што ги одблокиравме трите институции. Изминатата 2022 година ја завршивме со подмирени сметки и Министерството за култура во 2023 влезе со 0 денари пренесени обврски“ изјави Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека проблемот со овие институции беа стари долгови, извршни решенија и загубени судски спорови, меѓу кои имало и неплатени сметки за икебани од 2012 до 2014 година, како и недоисплатени долгови за реновирање на просториите.