По осуммесечна дебата и активно вклучување на сите пратенички групи, невладини организации и експертската јавност, новиот Закон за урбанистичко планирање, е едногласно донесен од Собранието.
За жал, досега сме немале многу прилики, да честитаме на инклузивноста на политичарите и од власта и од опозицијата. Тоа е начинот како треба да функционира Парламентот и пратениците од власта и од опозицијаta, министерствата и Владата. Македонската јавност ретко памети ваков начин на соработка, каде без притисоци и подметнувања, ами со долгорочна работа севкупна дебата (и стручна и јавна) и со работни групи кои сериозно одговорија на задачите и усогласувања и прифаќања на предлози од сите страни, за на крај на задоволство на сите се донесе толку вака важен закон како што е Законот за урбанистичко планирање.
Претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ, како што вчера пренесе МИА, изрази задоволство од кооперативноста на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и од активната вклученост на пратениците во изготвувањето на ова законско решение.
– Верувам дека како Комисија, иако на крајот на овој пратенички мандат, дадовме пракса за идните пратеници како треба да се носат суштинските закони, рече Затуровска.
Ни еден закон инстантно не ги решил проблемите, поготово не вакви проблеми кои се наследени и таложени со децении, но како што рече и министерот Сугарески во вчерашното видео интервју за ФРОНТЛАЈН – Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, се Устав во градежништвото и ова е стабилна основата од која што ќе почне да се решаваа урбаниот хаос, и дивеењето.
Сугарески смета дека се работи за одличен закон со кој ќе се стави ред во урбанистичкото планирање, а неговото донесување апелираше да стане пример како во иднина треба да се носат суштинските закони.
– За вакви суштински закони мора да се седне и да се разговара. Задоволство ми е што законот е донесен едногласно. Се надевам дека на ист начин ќе биде донесен и законот за градење, рече Сугарески.
Ова е позитивен куриозитет, на кој не сме навикнати, но сега останува да се надеваме дека ваквата практика ќе има свои продолженија и за другите суштински закони и прашања кои се во интерес на сите граѓани. Ова е оној момент кога толку експлоатираната фраза на политичарите „во интерес на граѓаните“ не е само излитена фраза, ами факт.
Пратениците својата прва шанса да покажат дека ваквиот начин на донесување на закони со консензус нема да е изолиран случај, ја имаат токму сега со донесување на Законот за Јавно обвинителство.
Ќе си подадат ли рака, ќе успеат ли да се изборат за „продолженија“, останува да видиме.
Ј. Ѓорѓиоски