Таткото на Новак Ѓоковиќ, Срѓан е снимен како се слика со поддржувачите на рускиот претседател Владимир Путин на Австралија Опен.
Срѓан Ѓоковиќ беше сликан со маж кој држеше руско знаме со ликот на Путин и облечен во маица испечатена со провоениот симбол „Z“.
Руските и белоруските знамиња и симболи се забранети во Мелбурн, откако на денот на отворањето за време на натпреварот меѓу Украинката Катерина Баиндл и Русинката Камила Рахимова беше истакнато руско знаме.
Група навивачи облечени во боите на Србија пред арената Род Лејвер изразија поддршка за Русија истакнувајќи руско знаме со ликот на Владимир Путин, пренесува Би-Би-Си.
„Мала група луѓе покажаа несоодветни знамиња и симболи и им се закануваа на чуварите по натпреварот во средата навечер, по што беа исфрлени“, стои во соопштението на Тенис Австралија.
„Играчите и нивните тимови беа информирани и потсетени за политиката на настанот во врска со знамињата и симболите. Продолжуваме тесно да соработуваме со агенциите за безбедност на настанот и за спроведување на законот“, додаваат оттаму.
Во 2022 година, на играчите на Русија и Белорусија им беше забрането да се натпреваруваат на Вимблдон поради инвазијата на Украина.
А. Р.