Ескалацијата на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија оди во корист на трети страни кои не сакаат двете земји да бидат во добри односи. Со ваков став вчера излегоа шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа Владата да ги испита наводите дека странски агенции се вмешани во провокациите.
Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, Руската Федерација е еден од факторите на кои им е од интерес да се одржат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание.
Во интервју за Радио Слободна Европа, прашан дали смета дека руската разузнавачка служба ги „поткопува“ македонско-бугарските односи, Османи со одговор дека нема такви директни информации.
-Јас немам такви директни информации, меѓутоа дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан. Така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам, вели шефот на дипломатијата.
И европратеникот Илхан Ќучук ја дели оценката на Османи дека има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да бидат во добри односи.
– Тоа се оние луѓе кои не сакаат РСМ да биде дел од Европската Унија. Тоа се оние луѓе кои не сакаат нашата држава да има влијание бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ, изјави Ќучук за „БТВ“.
Ќучук е категоричен дека мора да инсистираат во Северна Македонија да има владеење на правото и високи демократски стандарди, бидејќи вели, „се додека не се признаваат правата на луѓето кои се сметаат за Бугари, тензијата ќе продолжи“.
Според него, треба да се поттикнат сите обиди за намалување на тензиите од двете страни и да се најде решение за проблемите.