Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи упати апел до јавноста за мирно и достоинствено чествување на 4 февруари, денот на кој се одбележува 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Во видео порака објавена на неговиот фејсбук профил, Османи ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
„На 4 февруари кога се поклонуваме пред гробот на Гоце Делчев, се поклонуваме пред неговото визионерство за културен натпревар меѓу народите. Повикувам на достоинствено, мирно чествување на денот кога оддаваме почит на неговиот идеал за напредни општества и за градење цивилизациски вредности. Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности“, потенцира Османи.
Министерот вели дека секој граѓанин на Република Бугарија и на која било друга држава е добредојден во Северна Македонија, но, како што подвлекува, секој мора да се однесува со почит кон нашата држава и кон македонскиот народ.
„Да не дозволиме провокатори и киднапери да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава. Ова е во интерес на сите граѓани и на заедничкиот напредок,“ наведува Османи.