Како Влада се гордееме на успесите во сферата за намалување на сиромаштијата, преку повисоки плати и пензии, а тоа директно влијае и на економската положба на жените во нашата држава, изјави Санела Шкријељ, дополнителна заменичка министерка во Министерството за труд и социјална политика. Од трибината на “Агенда Родова еднавкост 20-24”, Шкријељ истакна дека намалување на сиромаштијата е главна цел на МТСП и направи паралела помеѓу платите во 2016 година и денес како еден од факторите за дискриминација кои влијаат на родовата еднаквост.
“Во 2016 година се уште се чувствуваше влијанието на дискриминацијата во нашето општество. На пример во текстилната и кожарската индустрија работниците, а во најголем дел работнички беа дискриминирани и иземени. Во 2016 година примале плата од 7.000 денари, а денес примаат плата од 14.500 денари. Разликата е огромна и очигледна. Дополнително мерката за субвенционриање на придонеси на компаниите кои ќе ги покачат платите на нивните вработени до 6.000 денари, исто така дава резултати и платите на работниците и работничките растат”, рече Шкријељ.
Преку социјалната реформа, додаде Шкријељ, успеавме да влиајеме да се подобри положбата на жените во нашата држава. Работиме и на сферата на безбедноста и сигурноста на жените. Се ратификуваше Истанбулската конвенција против насилство на жените, а денес функционираат и центри кои се сервис да се пријави насилство над жените. Исто така, дополнителната заменик министерка од редовите на СДСМ, рече дека во Буџетот за 2020 година се предвидени дополнителни средства за нови 10 сервиси каде може да се пријави насилство над жените со цел да се сузбие овој негативен феномен.
“Денес градиме и имаме партнерски однос со граѓански и невладини организации. Министерството за труд и социјална политика е отворено и отчетно министерство, ги слушаме граѓаните и граѓанките и работиме исклучливо во интерес на државата и граѓаните”, заклучи Шкријељ.