Условите што партијата ѝ ги наметна на Владата со сто дневен рок за реализација, ќе бидат причина дали партијата ќе остане во позиција или ќе оди во опозиција, изјави претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
Посочи дека ДОМ ја поддржува владината реконструкција и ќе гласа за уставните измени зашто се поврзани со евроинтегративните процеси.
– Овие услови се за да се спроведе нешто што е неопходно дома. Значи тие процеси мора и да се стави фокусот на дејствување дома. Евроинтеграцискиот процес е прашање независно од ова кое што ние го поддржуваме. Околу тоа нема никаква дилема и јас можам да бидам и во опозиција, ако овие наши барања не се реализираат и повторно стагнира целиот процес, јасно е дека ДОМ ќе оди во опозиција, рече таа.
Централниот одбор на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) на вчерашната седница донесе одлука партијата да ја поддржи предложената реконструкција на Владата со услов во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот заради ефикасна борба против корупцијата, да продолжи собраниската процедура за измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите и да се интензивира користењето на обновливи извори на енергија преку формирање на енергетски задруги, за граѓаните да станат производители на електрична енергија, како и формирање Фонд за енергетска ефикасност.
Претходно од владата веќе излегоа Демократскиот сојуз и Алтернатива.