„Состојбата со бездомните кучиња во Скопје станува алармантна. Вчерашниот настан во Аеродром каде што глутница бездомни кучиња нападнаа куче миленик заедно со неговиот сопственик е само уште една опомена за лошото работење на ЈП Лајка“, соопшти Љубица Јанчева од СДСМ.
„Бројот на жртви на напади од бездомни кучиња во Аеродром е во постојан пораст, а Град Скопје и Општина Аеродром не преземаат никакви конкретни чекори за решавање на овој проблем.
Дополнително, во отсуство на реакција на ЈП Лајка, градоначалникот Тимчо Муцунски вчера јавно се закани со укинување на средствата кои општината ги издвојува за потребите на ова градско јавно претпријатие.
Откако ги намали средствата кои Општина Аеродром ги издвојуваше за ЈП Лајка, од 2 на 1 милион денари, сега Муцунски се заканува со укинување на овие средства.
Ги потсетуваме Тумчо Муцунски, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ дека пред жителите на Аеродром и Скопје ветија дека посветено ќе работат на надминување на овој проблем.
Наместо тоа гледаме обиди за префрлање на одговорноста додека нападите од бездомни кучиња стануваат сѐ почести.
Вчера беше нападнато куче миленик, утре жртва на напад може лесно да стане и било кој од нас.
Јавно ја повикуваме градоначалничката Арсовска да преземе итни мерки и да му наложи на ЈП за хуман третман на бездомните кучиња „Лајка“ веднаш да го преиспита затајувањето на системот за контрола на популацијата на бездомните кучиња.
Го потсетуваме Тимчо Муцунски дека како градоначалник на најнаселената скопска општина има обврска да соработува со Град Скопје и дека со укинување на средствата за ЈП Лајка може дополнително да придонесе кон влошување на овој горлив проблем“, истакна таа.