Следните три месеци на фронтот ќе бидат многу активни и ќе одлучуваат за понатамошниот тек на настаните. Ова го изјави началникот на Главната управа за разузнавање во украинското Министерство за одбрана, Кирило Буданов во интервју за Гласот на Америка, пренесува Укринформ.
„Следните месеци ќе бидат прилично активни. Следи многу активен период кој ќе одлучува за понатамошниот тек на настаните. Навистина, ќе се случат активни непријателства, ќе има обиди и од нивна и од наша страна“, изјави Буданов.
Според Буданов, Русија во моментов не е подготвена за долготрајна војна поради ограничените ресурси, иако го покажува спротивното.
„Тие на секој начин покажуваат дека се подготвени да водат војна со децении, но всушност нивните ресурси се доста ограничени. И тие тоа многу добро го знаат“, истакна Буданов.
Буданов, исто така, изрази мислење дека, за да се сврти војната, на Украина ќе и треба засилено снабдување со оружје, вклучително и авиони за напад. Украина сега води разговори за да добие не офанзивни, туку борбени авиони.
Подготви: А. Р.