Синоќа во Старата скопска чаршија околу 20 часот во кафуле се егзекутирани две лица во мафијашки стил.
Маскирани лица со огнено оружје влегле во барот и пукале кон двајцата убиени.
Дел од медиумите веќе објавија дека еден од нив е наводно извесен криминален бос – Јетон викан Жила.
Сторителите веднаш по убиството избегале со автомобил марка „ауди 6“, кое потоа било пронајдено запалено.
„На 06.03.2023 во 20.11 час. во СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош“, велат официјално од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во првичното соопштение од МВР.
По пукањето со повреди се здобиле уште седум лица кои се нашле на местото.
За третиот ранет, пак, доцна синоќа информации соопштија од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Според изјавата оттаму, тој со приватно возило бил донесен во болницата околу 20:15 часот и имал две рани. Едната, помала, на левото стапало, додека поголема имал на десната потколеница. По нивното санирање, пуштен е на домашно лекување.