Маркетите започнаа со промена на цените на дел од основните прехранбени производи. По лебот, кој само пред неколку месеци се купуваше дури и за десет денари поскапо, на ред за поевтинување дојдоа тестенините, а најава има и за зејтинот и млечните производи.
До крајот на неделава ќе се знае колку точно ќе изнесува намалувањето на цената на шпагетите и макароните, но како што истакнаа властите, тие ќе се продаваат за најмалку 10% поевтино. Од Министерството за економија претходно информираа дека намалувањето ќе биде и поголемо, имајќи предвид дека постојат цени на одредени тестенини кои во моментов се продаваат по 51 денар, а тие очекуваат отсега да се продаваат за не повеќе од 44 денари. Ова следува по ставот на Владата да се намалат царинските давачки за увоз на тестенини, а средствата за оваа намена се обезбедија откако беше решено да се укине мерката за субвенционирана струја на компаниите од прехранбената индустрија. Месечно, за оваа цел се издвојуваа 500 илјади евра, но сега овие пари се пренаменети за директно намалување на цените на основните прехранбени производи.
Освен тестенините, зејтинот се очекува наскоро да падне под сто денари, а воедно се разгледуваат опциите и за намалување на млечните производи. Дел од медиумите пишуваат дека млекарници веќе започнале самостојно да ги намалуваат цените на своите производи за да избегнат замрзнување на цената, па така се намалуваат и цените на млекото, сирењето и кашкавалот.
Бранот поевтинувања на основните прехранбени производи започна со замрзнувањето на цената на лебот. Кон крајот на ноември белиот и полубелиот леб се продаваа од 38 до 45 денари, а сега максималната цена за утврдена количина од 450 грама е 33 денари.
Д. Е.