Економско-социјалниот совет во понеделник на седница ќе ја носи одлуката за висината на минималната плата, открива во изјава за МИА министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
– Одлуката за висината на минималната плата се носи токму на Економско-социјалниот совет, потоа се објавува во Службен весник, за да може работодавачите да ги усогласат платите кои ќе ги исплатат за месец март со одлуката, односно со висината на минималната плата, вели Тренчевска во видео изјава дадена во прес-центарот на МИА во Штип.
Во првата половина на годинава се очекува во владина процедура да влезе и новиот закон за работни односи за којшто во тек се средби и дискусии со сите засегнати страни. Досега, како што информира Тренчевска, одржани се 10 дебати за овој закон.