Вознемирувачки видеоснимки од полициските интервенции во Тирана предизвикаа сериозна загриженост поради наводите за насилство врз демонстрантите, меѓу кои има и малолетници. Европската Унија побара итна истрага за прекумерната употреба на сила врз граѓани и новинари. ЦИВИЛ – Центар за слобода упати директна порака до албанскиот премиер Еди Рама: „Демократијата не се брани со тепање демонстранти!“
Полициски палки против млади демонстранти
Масовните антивладини протести во Тирана, кои продолжија и на 17 октомври, се придружени со сериозни обвинувања за полициска бруталност.
На социјалните мрежи и во албанските медиуми се појавија снимки од груби полициски интервенции, приведувања и употреба на сила врз млади демонстранти.
Албанските медиуми известуваат за инциденти во кои полицајци удирале млади лица, вклучително и при приведување. Особена загриженост предизвикуваат обвинувањата за насилство врз малолетници.
Протестите, поттикнати од незадоволството од образовните политики, корупцијата и економските услови, прераснаа во жестоки судири. Дел од демонстрантите нападнаа полициски службеници и оштетија јавен и приватен имот, додека полицијата употреби солзавец и водени топови.
Сепак, насилството од страна на поединечни демонстранти не може да оправда неселективна или прекумерна употреба на сила.
Европска Унија бара истрага
Делегацијата на ЕУ во Албанија изрази загриженост поради ескалацијата на насилството и побара приоритетно да се истражат обвинувањата за прекумерна полициска сила против демонстрантите и новинарите.
ЕУ потсети дека слободата на собирање и изразување се темелни демократски права, а полициските интервенции мора да бидат законити, неопходни и пропорционални.
Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо најави дека надлежните институции ќе ги испитаат обвинувањата и ќе ја утврдат индивидуалната одговорност врз основа на докази.
ЦИВИЛ со директна порака до Еди Рама
Реагирајќи на информациите и снимките од полициските интервенции, ЦИВИЛ – Центар за слобода, преку својата официјална страница на Фејсбук, објави директна порака на албански јазик до премиерот Еди Рама:
Во превод:
„Господине Еди Рама, демократијата не се брани со тепање демонстранти! Таа се брани со владеење на правото, отчетност и почитување на човековото достоинство.“
Во одделна порака на албански и англиски јазик, ЦИВИЛ објави и подолга порака во која ги нагласува основните демократски принципи според кои власта е должна да ги заштитува граѓаните, вклучително и оние што јавно се спротивставуваат на нејзините политики.
Превод на македонски:
ДЕМОКРАТИЈАТА СЕ БРАНИ СО ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО
Правото на мирен протест не е привилегија што власта ја доделува или одзема. Тоа е фундаментално човеково право, загарантирано со меѓународните демократски стандарди.
Полицијата има обврска да го одржува јавниот ред и да ги спречува насилството и уништувањето имот. Но, таа обврска не подразбира право на тепање, понижување или казнување демонстранти.
Особено загрижува секоја можна злоупотреба на сила врз малолетници, приведени лица и новинари.
За Албанија, земја кандидат за членство во Европската Унија, истрагата за полициското постапување претставува важен тест за владеењето на правото.
Ниту една политичка криза не може да биде оправдување за кршење на човековите права. А држава што тежнее кон европска демократија мора тоа да го покаже не само со декларации, туку и со одговорност за секое пречекорување на полициските овластувања.
Случаите на полициско насилство во Албанија отвораат прашања што ја надминуваат актуелната политичка криза. Реакциите на Европската Унија и на организациите за човекови права како ЦИВИЛ и барањата за независна истрага укажуваат беа повеќе од јасни. Останува да се види дали албанските институции ќе обезбедат целосно расветлување на инцидентите и одговорност за евентуалните злоупотреби.






