Напаѓачот на Манчестер сити, Ерлин Халанд ги искажа своите впечатоци по победата над Лајпциг (7:0) синоќа во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Норвежанецот постигна пет гола на овој натпревар и стана само третиот фудбалер во елитната лига со вакво достигнување.
– Одлична вечер. Многу сум горд што играм во Лигата на шампионите, го сакам овој турнир, како што сите знаат. Пет гола, победа од 7:0 на овој турнир… Многу сум среќен. Во моментов ми е магла во главата, а не се сеќавам ни на головите. Се сеќавам дека шутирав без размислување. Многу сум уморен после сите овие прослави. Работевме на пресинг на вчерашниот тренинг. Посебно со оглед на тоа што играме дома, моравме да притискаме, моравме да трчаме. Ние сме многу добри во пресретнувањето на топката и одиме напред со неа, особено кога Кевин де Бруин ја има во негов посед, изјави Халанд.
Во првиот натпревар беше нерешено (1:1), па англискиот тим се пласираше во четвртфиналето. Ждрепката ќе се одржи на 17 март.