„Анализата на случаите укажува на релативно нискиот капацитет на медимумите да го препознаат фемицидот, како најтешка форма на родово базирано насилство и не се препознава родовата компонента на убиствата на жените, ниту се зема предвид феноменологијата на фемицидите, особено фактот дека најголем дел од овие убиства се извршени од страна на машки партнери или роднини, во домот во кој живее жртвата.“
Една од авторките на публикацијата „Фемицидот во македонските медиуми“, студија која е објавена по обемно истражување на темата за родово базирано насилство и медиумите, е Бојана Јовановска. Во интервјуто за НоваТВ, со Јовановска ја сублимиравме суштината на оваа публикација, во насока да се најдат главните елементи кога се во прашање медиумските објави и третманот за оваа сензитивна тема. Истражувањето, детектира повеќе проблеми, во однос на етичноста на известување, пласман на генерички вести, небалнсиран сензационализам и конечно тоа дека медиумите не ја обсервираат својата клучна улога во превенција на насилството и фемицидот.
НоваТВ: Убиството на Махса Амини минатата година и лавината на протести во Иран стана симбол на побуна која имаше среќна разрешница. Овој настан можеби се чини екстремен во наши околности, но сепак впечатокот дека кај нас фемицидите се ретки, односно убиствата на жени не се случуваат од причина што тие се жени, сметам дека е дефокусирање од вистинската состојба.Живееме во демократско општество, во кое жената е рамноправна и ги ужива сите права но…дали навистина е тоа така? Дали медиумите имаат клучна улога во расветлување на вистината, мотивите и другите фактори при вакви трагедии?
Јовановска: Доколку анализираме и само од аспект на родово базираното насилство, земајќи го предвид фактот што се уште се соочуваме со сериозно ниска стапка на пријавување на овие случаи, пред се поради големиот степен на недоверба во институциите, како и несоодветното постапување од страна на истите тие институции, не можеме да кажеме дека живееме во родово еднакво општество. Улогата на медиумите е од особено значење, како во однос на нивното известување за случаите на фемицид, но и начинот на нивно претставување во новинарските извештаи. Медиумите имаат особено значење и при процесот на прибирање податоци за фемицидите. Имајќи предвид дека државата не води официјална статистика за овие случаи, медиумските објави се најчесто многу битна информација за организациите кои се обидуваат да водат неофицијална статистика, со цел да имаме неков увид во овој феномен. Медиумите генерално имаат значајна улога во борбата против родово базираното насилство, пришто моќта на медиумите е широка и повеќеслојна почнувајќи од создавање, обликување и промена на општествени ставови, па сè до културолошко нормализирање и јакнење на одредени однесувања, стереотипи и предрасуди. Моќта на медиумите често се потценува, особено во делот на штетата која несоодветното известување може да ја нанесе врз жртвите на родово базирано насилство и жените генерално, но и за превентивната улога која медиумите треба да ја имаат во оваа сфера. Медиумите треба да бидат главните промотори на родовата еднаквост и преку своето известување да придонесуваат за рушење на родовите стереотипите, а преку известување за родово базираното насилство да ја отелотворуваат својата улога на сојузник во борбата против овој феномен.
НоваТВ: Во Вашето истражување се анализирани многу медиуми и медиумски објави на оваа тема. Кои се најчестите „грешки“ или најблаго речено, дали медиумите се доволно етични и писмени кога станува збор за вакви објави?
Јовановска: Не би коментирала дали медиумите се писмени, но она што ние го констатиравме е дека етичкото известување е проблематично во случаите на фемицид. Имајќи предвид дека се водевме од принципите на Кодексот на новинари на Македонија, анализата укажа на прекршување на неколку принципи преку неназначување на изворот на информации, плагијаторство, непочитување на приватноста на личноста, како и присуство на сензационализми при информирање во случаи на несреќи и семејни трагедии. Анализата на случаите укажува на релативно нискиот капацитет на медимумите да го препознаат фемицидот, како најтешка форма на родово базирано насилство и не се препознава родовата компонента на убиствата на жените, ниту се зема предвид феноменологијата на фемицидите, особено фактот дека најголем дел од овие убиства се извршени од страна на машки партнери или роднини, во домот во кој живее жртвата. Во анализираните новинарски објави речиси и да не се употребува родово сензитивен јазик. И покрај тоа што објавите директно не промовираат родови стереотипи, сепак гласот на жртвата е во втор план, што всушност го перпетуира родовиот стереотип за инфериорноста на жената во општеството.
НоваТВ:Колку е важна улогата во медиумите за превенција и намалување на насилството кон жените и фаталните исходи?
Јовановска: Улогата на медиумите во однос на превенцијата од родово базирано насилство е од особено значење, особено во општество како нашето, каде имаме изразено патријархалнан структура и родови стереотипи. Всушност, превентивната улога е и законски одредена, со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство од 2021 година, кој во неколку членови се осврнува на улогата на медиумите во борбата против родово базираното насилство. Токму медиумите (треба да) имаат значајна превентивната функција преку промоција на родовата еднаквост, рушење на родовите стереотипи, подигање на јавната свест за формите на родово базирано насилство, а особено во однос на сериозните последици кои родово базираното насилство ги има врз жените и општеството. Оттука, анализата на медиумското покривање на фемицидите која ја спроведовме укажа на алармирачки ниско ниво на кое се наоѓаат медиумите при остварување на оваа улога.
НоваТВ: Моето новинарско искуство ми покажало дека во случај кога оваа тема се поставува професионално, со податоци и факти а не се користи сензационализам, кај јавноста темата се дочекува апатично односно нема интерес за истата. Дали го делите мислењето дека „медиумската злоупотреба“ на сензационализмот е само во борба за простор кај јавноста, а не ја извршува примарната функција да информира и да изврши притисок врз институциите, да ја сензибилизира јавноста и да го сврти вниманието кон превенција од трагичните случувања?
Јовановска: Веројатно, Вие знаете и многу повеќе за начинот на кој се креираат новинарските извештаи и што привлекува поголем интерес кај публиката, но тоа во никој случај не смее да биде приоритет, особено имајќи предвид дека се коси со основните принципи за етичко известување. Но, за жал, податоците од анализата упатуваат на тоа дека најголем дел од медиумите употребуваат сензационалистички јазик при креирањето на наслови со цел да привлечат поголем број читатели, многу често со употреба на кликбејт наслови кои содржат зборови како драма, трагедија, хорор, ужас, злосторство, а кои се несензитивни за суштината на случајот. Од друга страна, во случајот за протестите во Иран дел од насловите, иако сензационалистички, истовремено не го минимизираа насилството, односно можеше да се забележи минимизирање на насилството повеќе како резултат на несоодветна терминологија. Она што е дополнително проблематично е дека длабинското и аналитичко новинарство е речиси непостоечко, без разлика дали станува збор за известување за национални или странски случаи. Голем дел од новинарските извештаи се генерички, фактографски и значително наликуваат или се идентични еден на друг. Вестите се пренесуваат често и со исти наслови или пак видоизменети наслови, а речиси идентична содржина и редослед на известување. Извештаите за локалните случаи се најчесто кратки и изворите кои ги користат се ограничени на соопштенијата на релевантните институции. Дополнителни извори и релевантна статистика се користат многу ретко и известувањето е многу површно и од информативен карактер.
НоваТВ: Сметате ли дека институциите како МВР, Социјалните служби и остранатите повикани во случаите на фемициди доволно соработуваат со медиумите?
Јовановска: Еден сегмент кој недостасува во објавите е токму улогата на институциите, што не подразбира сувопарно пренесување на нивните официјални извештаи, туку анализирање на корелацијата на случаите со институционалниот аспект. Па така, анализата на локалните случаите укажува на тоа дека тие воопшто не ја земаат предвид улогата на институциите во превенирање и заштита од родово базирано насилство, особено фемицид. Во случајот во Иран, дел од новинарските извештаи прават корелација помеѓу законот и полицијата како извор на репресија и кршење на човековите права на жените како субјект на таа репресија, но сепак поврзувањето е површно и не подложи на критика, односно репресивната практика се зема како непроменилива бидејќи едноставно законот таму е таков.
НоваТВ: Каков е вашиот конечен заклучок, на кој начин може да се сменат нештата?
Јовановска: Не можеме со сигурност да тврдиме на што се должи несензитивноста на новинарските извештаи во однос на овој феномен. Свесни сме дека некогаш новинарите се во трка со време, трка за кликови, но ништо не смее да биде пред етичкото известување, особено не во случаи кои се од особена сензитивност, како за жртвите, така и за општеството во целина. Мора да бидат свесни за улогата која ја имаат креирањето на општествените ставови и самите да се препознаат како соучесници/чки во борбата против насилството и родовата нееднаквост во општеството.
Публикацијата „Фемицидот во македонските медиуми“е издание на Институтот за комуникациски студии, а во анализата се вклученки м-р Бојана Јовановска и м-р Јована Јовановска.
„Фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и претставува
најекстремна манифестација на насилство врз жените, која најчесто е
резултат на континуирана изложеност на насилство, при што
сторителите најчесто се интимни партнери, членови на семејството или
други лица познати на жртвата. Фемицидите може да се јават како
резултат на различни видови традиционални сфаќања и пракси, кои и
денес се широко распространети низ целиот свет. Така на пример, во
некои општества сè уште одредени убиства на жени се сметаат за
оправдани, како на пример убиството на жена поради изневерување на
партнерот.“, пишува во воведот на студијата.
Разговараше и приреди : Ана Василевска