Победа со 2:1 над Малта и посакувани три бода за македонската фудбалска репрезентација на стартот во квалификациите за Европското првенство 2024. Ова е епилогот по вечерашниот натпревар одигран на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Стрелец на првиот гол беше Елиф Елмас во 66. минута, Дарко Чурлинов во 72. минута зголеми на 2:0. За гостите погоди Јанкам Јаник во 86. минута.
Во 60. минута беше покажан пенал за „црвено-жолтите“, но по интервенција на ВАР, судијата ја поништи својата првична одлука и му покажа жолт картон на Бојан Миовски за симулирање.
На вториот вечерашен дуел од 1. коло во Ц-групата, Италија дома загуби од Англија со 1:2.
Слободна во ова коло беше репрезентацијата на Украина.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски, кој во судиското надополнување доби црвен картон поради приговор кон судиите, во второто коло ќе бидат слободни. Терминот в понеделник вечер ќе го искористат за контролен натпревар со Фарски Острови.