Пишува: МАРЈАН НИКОЛОВСКИ
Специјално за ЦИВИЛ Медиа
Веќе сè е толку провидно, што и слепиот може да види, и глупиот да осознае и наивниот да се пробуди. Една година по руската инвазија на суверена држава е сосема доволен период за да и слепиот и глупавиот и наивниот осознаат, дознаат, почувствуваат, се определат дали се на страната на современиот фашизам, чија основна матрица како и на секој фашизам е агресијата, или се на страната на слободата, на страната на човековото право на самоопределба, вредност за која Македонија најдобро знае што тоа значи.
Една година подоцна и македонското општество јасно се испрофилира. Секој си се престрои во редот на своите вредности, водејќи се од своите цивилизациски дострели.
За жал во тоа престројување, сè поизвесно е дека МПЦ-ОА го одбира патот по кој наместо рамноправна автокефална црква (дел од Едната Света Соборна и Апостолска Црква), ќе постане руски клон чија употребна вредност ќе заврши тогаш, кога за тоа ќе процени Господарот од Кремљ.
На прв поглед, за многумина, сево ова звучи како научна фантастика, некои ќе се исмеваат, но за жал, реалноста е сосема поинаква.
Пред извесен период, можеби три-четири месеци на Либертас.мк, се појави една анализа заснована на дипломатски извори, во која јасно се читаше дека МПЦ-ОА станува најсериозното безбедносно прашање во Македонија. На тој текст малкумина обрнаа внимание, а очигледно најмалку внимание обрнала самата МПЦ-ОА (а би требало најмногу, ако некој таму ги разбира релациите на тој медиум со дипломатските кругови во земјава). Суштината на тој „советодавен“ текст е токму опасноста МПЦ-ОА да потпадне под руското влијание на Балканот.
И за жал, денеска веќе сме сведоци на тоа.
Деновиве во јавноста е актуелна една Декларација, со која се брани нешто што никој не го загрозува, но маестрално обландирано ѝ се сервира на јавноста, а во суштина е токму она за кое предупредуваше тој текст објавен на либертас.мк.
Таа декларација е насловена како некаква заштита на името на МПЦ-ОА, но во основа е Декларација за заштита на руските црковно-државни интереси во Православниот свет.
Во демократска држава, секаква декларација само по себе не е спорна, но во конкретниот случај има три елементи кои се суштински спорни и за кои е важно да се разобличат.
Првата и основна е манипулативноста. Иницијативата за една таква декларација потекнува од една политичка партија, која во својата идеолошко-програмска ориентација е проруска и анти-НАТО, анти-ЕУ декларирана.
Манипулативна е и од аспект што нејзиното потпишување се прави на улици низ Македонија каде се собираат лични податоци на граѓаните. Во Македонија постои уставна и законска категорија за регулирање на граѓански иницијативи, а конкретната Декларација е спротивна на нив. Значи граѓаните кои ја потпишуваат таа декларација треба да знаат дека на една политичка партија ѝ ги оставаат своите лични податоци, бидејќи во почетниот дел на таа декларација се бара сè освен матичен број. Тоа секако е прашање за кое сериозно треба да се позанимаваат и надлежните институции.
Манипулативна е и од аспект на тоа што таа и таква, и така понудена декларација, нема никаква важност, а најмалку важност на некаква граѓанска иницијатива од законски аспект. Тоа значи само едно, дека таа декларација има само една цел, партијата што ја иницира да мавта со бројка на наводно свои поддржувачи.
Вториот спорен момент е што токму политичка партија за свое политичко промовирање одлучила максимално да ја злоупотребува црквата и врз основа на некакви емотивни моменти да ќарува дневно политички поени. Одењето по работ на оваа линија, користење и злоупотреба на верски чувства за политички цели може лесно да се претвори во кривично дело. Но, тоа си е работа на самата партија.
Третиот, најспорен момент е молкот на МПЦ-ОА. Зошто македонските владици молчат на вакво флагрантно злоупотребување на институцијата МПЦ-ОА за политички цели?
И сè ова ќе беше чудно, ако вчера не се појавеше уште една ваква декларација и тоа не од кој било, туку од еден Владика на МПЦ-ОА во речиси идентична форма.
Владиката Петар, преку својата епархија што ја администрира во Австралија, објави речиси идентична Декларација со идентични цели, како по шаблон на онаа што политичката партија ја форсира во Македонија. Некој би рекол, куцана на иста машина…
Владиката Петар, кој од неодамна реши да стане медиумски магнат во мантија, очигледно веќе има и политички амбиции и веројатно добро координирани активности со дотичната партија. Медиумскиот и политичкиот ангажман на Владиката Петар, сам по себе, пак, имплицира потреба од финансиски средства, а тоа би требало да биде сериозен сигнал за институциите на системот да ја проверат неговата финансиска состојба овде во Македонија, но што е уште поважно и надвор од Македонија… Можеби Австралија, Италија, на пример… Како лице во мантија, особено Владика, не би можел да има свој личен финансиски имот од размери да инвестира во медиумско-политички ангажмани… но тоа е друга тема…
Да се вратам на суштината. Што ги обединува дотичната политичка партија и Владиката Петар? Декларацијата неспорно.
Од целата декларација, најважни се само две точки.
Првата, дека таа има за цел да спречи целосно признавање на МПЦ-ОА преку издавање на Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија. (Тоа е сосема спротивно на веќе воспоставените заложби на Црквата која, нели, бараше признавање од сите, а не само од одредени цркви. Самиот Владика велеше: „Ние сакаме сите да нè признаат, а не само еден центар. Едно зборува, друго на терен практикува.“)
И втората, која е всушност и мотивот за оваа декларација е МПЦ-ОА да не одлучи да сослужува со Автокефалната Црква на Украина.
И двете точки се чист и јасен интерес на Руската црква. Така што оние што ја потпишуваат декларацијата и ги оставаат своите лични податоци, треба да знаат дека потпишуваат согласност за интересот на туѓа црква и туѓа држава на штета на сопствената црква и на сопствената држава.
Тие што ја потпишуваат оваа декларација треба да знаат дека ставаат потпис на документ кој има за цел од МПЦ-ОА да направи руски клон, а не рамноправна автокефална црква како и сите останати во Православниот свет.
Декларацијата, пак, што Владиката Петар ја понудил во Австралија, покрај идентичното, има и уште една цел. Внимавајте кога ќе се залетате да ставите потпис на некаква квази декларација за заштита на некакво име, бидејќи во точка 6 од таа декларација се согласувате да му ги отстапите црковните имоти на Петар, истиот оној владика што потроши милиони долари на судови и не успеа да го постигне тоа.
Но, кога сме кај политичкиот комесар на дотичната политичката партија, Владиката Петар, за јавноста многу важен е уште еден аспект кој треба да биде јасно прецизен, а кој практично ја открива и причината зошто МПЦ-ОА кинисала по руската калдрма.
Веќе извесно време со МПЦ-ОА, при 14 живи и здрави владици, раководат тројца, односно двајца, а во суштина еден владика.
За прв пат во својата историја МПЦ-ОА одлучи да го активира работниот состав на Синодот на МПЦ-ОА. Според Уставот, во него учествуваат тројца владици. Односно двајца, плус Архиепископот.
Како се случи ова?
Кога беше постигнат договор со СПЦ за признавање на МПЦ-ОА, беше договорено дека ПОА на Јован ќе се интегрира во МПЦ-ОА. (До сега ова не се случи. За еден месец СПЦ ќе има нов Собор, на кој, според некои мои информации, можно е да има нова одлука која може да значи и ставање во мирување на сослужувањето на СПЦ со МПЦ-ОА). Но, за да се спречи евентуално влијание на четворицата владици на ПОА во МПЦ-ОА, на еден владика (погодете кој?) му текнува идеја да се активира работниот состав. На Синод (во полн состав, иако неполн) се носи одлука и за членови се избираат двајца владици (Петар и Тимотеј) плус Архиепископот Стефан, со што практично власта во МПЦ-ОА во моментов ја имаат тие. И тие сега носат одлуки за сè, иако Уставот на МПЦ-ОА јасно предвидел за кои теми може да одлучува Синод во работен состав, а меѓу нив секако не е правото за носење стратешки одлуки за иднината на МПЦ-ОА.
А бидејќи членот 23 од Уставот на МПЦ-ОА тоа прави му го дава на Пленарниот состав на Светиот Синод во кој членуваат, „Архиепископот како претседател, сите епархиски и викарни архиереи како членови“, редно е тој ист Пленарен состав да побара отчет од Редовниот состав во кој правец ја води МПЦ-ОА?
Нема многу време, а нема ниту многу простор за толеранција, бидејќи сите тие 14 владици го уживаат комодитетот и конформизмот, некои и луксузот, само поради тоа што МПЦ-ОА е уставна категорија, МПЦ-ОА е национална црква на државата и е поддржана и овозможена во оваа форма од институциите на државната власт во сите нејзини години на постоење.
Ако МПЦ-ОА и владиците одлучиле да ги разделат патиштата, односно Црквата да оди по патот кој не е патот на државните национални интереси и да биде непријател на државните политиките на евро-атланска интеграција и да и служи на руската црковно-политичка идеологија, а со тоа и да утре предизвикува политички и меѓунационални и меѓуетнички поделби, односно да го става под знак прашалник безбедносниот карактер на државата и да ја поткопува стабилноста, тогаш Пленарниот состав на Синодот тоа да го верификува и да и го соопшти на јавноста. Така државата ќе има легитимитет да постапи како што треба и како што ќе постапи секоја сериозна држава. Секој може да си трера своја политика, но не со привелегиите што државата ги овозможува.
Добро е да знаат и стратешките партнери, за да стотиците илјади евра што ги инвестираат по манастирите и црквите да ги пренасочат за нешто корисно.
Доколку пак Пленарниот состав на Синодот мисли поинаку од Редовниот состав на Синодот, тогаш нека си го реши проблемот внатре како што доликува на една автокефална црква.
А оние матијаши со политичка агенда својот избор да им служат на руските интереси можат да го доменстрираат праткично… Еве кај е Москва. А од таму директ на служба на фронтот во Украина…
Стакленото ѕвоно под кое МПЦ-ОА живееше и во нејзин интерес јавноста газеше се пред себе за да им го продолжи комодитетот на владиците заврши на 19 мај лани. Сега е ред МПЦ-ОА и владиците да и се оддолжат на државата.