Се чини дека Роалд Дал имал сериозни сознанија штом во својата кратка приказна „Звучната машина“ пишувал за љубопитниот изумител кој создава уред што може да го слушне крикот на растенијата. Додека го тестира уредот на разни цвеќиња и дрвја, изумителот открива застрашувачка тајна што ја разнишува неговата перцепција за природниот свет.
Оваа појава иако не е доволно истражена, денес има научна поткрепа, но треба се напомене дека се работи за сосема поинакво врескање од човековото. Растенијата испуштаат звуци во вид на пукање или кликање, во ултразвучни фреквенции надвор од опсегот на човечкиот слух, кои се зголемуваат кога растението е под стрес. Ова, според научниците, би можело да биде еден од начините на кои растенијата ја соопштуваат својата неволја на околниот свет.
Дури и кога на полето владее тишина, пронижуваат звуци што не ги слушаме, а тие звуци носат информации. Има животни кои можат да ги слушнат овие звуци, оттука, голема е веројатноста на тоа место да постои голема акустична интеракција, објаснува еволуционерниот биолог Лилах Хадани од Универзитетот во Тел Авив во Израел.
Растенијата се во постојана комуникација со инсекти и други животни, а многу од овие организми користат звук за комуникација, така што би било прилично неоптимално доколку растенијата воопшто не би користеле звук.
Растенијата под стрес не се толку пасивни како што замислувате. Тие претрпуваат драматични промени, од кои една од најзабележливите (барем за нас луѓето) е ослободувањето на некои значително моќни ароми. Тие исто така можат да ја променат нивната боја и форма.
Овие промени имаат за цел да ја сигнализираат опасноста која ги демне другите растенија во околината, кои како одговор на тоа, веднаш ја зајакнуваат одбраната, но и да привлечат животни кои би се справиле со штетниците кои може да му наштетат на растението.
Сепак, дали растенијата испуштаат други видови на сигнали – како звуци – не е целосно истражено. Пред неколку години, Хадани и нејзините колеги открија дека растенијата можат да детектираат звук. Следно прашање што требаше да се постави беше дали и тие можат да го произведат.
За да откријат, научниците снимиле растенија од домати и тутун во повеќе услови. Прво, снимиле растенија кои не се под стрес, за да добијат основна линија. Потоа снимиле растенија кои биле дехидрирани и растенија на кои им биле исечени стеблата.
Следниот чекор бил да се обучи алгоритам за машинско учење за да се направи разлика помеѓу звукот произведен од растенија кои не биле под стрес, исечените растенија и дехидрираните растенија.
Звуците што ги испуштале растенијата се звуци во вид на пукање или кликање, на фреквенција којашто е превисока за човечкото уво, што може само да се забележи во радиус од над еден метар (3,3 стапки). Растенија кои не биле под стрес не правеле голема бучава; тие само се дружеле и тивко си ја вршеле својата работа.
Од друга страна, растенијата под стрес се многу побучни, емитувајќи во просек до околу 40 кликања на час во зависност од видот. И дехидрираните растенија имаат забележлив звук. Тие почнуваат да кликнуваат пред да покажат видливи знаци на дехидрација.
Но, и покрај тоа, сè уште има непознатост. На пример, не е јасно како се произведуваат звуците.
Сè уште не знаеме дали и други состојби на вознемиреност можат да резултираат со звук.
Исто така, не е јасно дали производството на звук е адаптивен развој кај растенијата или дали тоа е само нешто што се случува.
Сега кога знаеме дека растенијата испуштаат звуци, следното прашање е – „кој слуша?“, вели Хадани. „Во моментов ги истражуваме одговорите на другите организми, како животни, така и растенија, по овие звуци, а исто така ја истражуваме нашата способност да ги идентификуваме и интерпретираме звуците во сосема природни средини.
Подготви: Марта Пешевска
Извор: Science Alert