„Економските состојби се добри затоа што успеавме да спречиме поголеми удари. Успех е што во 2022 година успеавме да ги вратиме сите работни места што беа изгубени претходно. Во периоди на криза, тоа е одлично“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Македонија наутро“ на МТВ.
Тој додаде дека сценариото за 2022 година беше дека ќе се изгубат 80 илјади работни места, но поради мерките на владата се изгубија само 17 илјади, кои веќе се рекуперирани и на пазарот на труд се вратени сите.
„Во партнерски однос со стопанствениците заедно ги креиравме мерките и политиките. И навистина треба да се аплаудира на нив за нивната флексибилност“ рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека Владата мерките ги донесе во партнерски однос со сите засегнати страни и мерките се носеа постепено, за да се даде период на прилагодување на сите и така се доби посилен ефект.
„Имав дискусија со луѓе од други политички структури изминатиов период и реков дека човек влегува во полтика со амбиција да смени одредени работи. Во политиката ветуваш и се очекува да ги исполниш тие ветувања. Јас бев еден од тие што ја креираа економската политика на Владата и ветивме 20 илјади денари минимална плата до 2024 година, а тоа го исполнивме во 2023“ рече Битиќи.
Тој додаде дека од политичарите се бара да ги исполнат ветувањата и доколку може да одат над нив, во позитивна смисла, за да биде подобро за граѓаните.
„Ефектите од сите мерки кои ги носиме и системските решенија за минималната плата, пензиите и растот на минималниот гарантиран доход ќе излезат на виделина по стабилизирање на кризата и војната на европско тло. Тешко е во општество кога сте немале системски решенија долго време, а и во моменти на криза, веднаш да се видат ефектите. Потребно е време“ рече Битиќи.
Вицепремиерот истакна дека со системските решенија за растот на минималната плата и пензиите се креирани критериуми со кои тие ќе растат без разлика на волјата на политичарите.