Пратеници од сите парламентари партии, претсавници од институции, граѓански организации и експерти денеска дебатираа на темата конструктина политика на првиот настан на иницијативата Конструктивна политика во организација на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА, Friends of Europe и фондациите Фридрих Еберт и Конрад Аденауер.
На дебатата беше истакнато дека политичарите не зависно од нивните идеологии, треба континуирано да се обидуваат да ги приближат ставовите при креирање политики во интерес на граѓаните. Во сите овие политики е важно да се користат научни докази и факти со цел донесување одржливи и успешни политики.
Пратеничката Маја Морачанин истакна дека не постои друг начин да се направат промени во државата освен политичарите да изградат заеднички ставови за работи кои се од општ интерес на граѓаните.
„Не треба да се партизираат и политизираат дебатите, кога станува збор за суштински прашања како на пример кога станува збор за создавање на ефикасен оддржлив јавен здравствен систем или слично”, рече Морачанин.
Санела Шкријељ истакна дека политичарите треба да работат на сликата што значи улогата да си политичар.
„Кога станува збор за здравство, образование, социјална политика, политичарите во носењето на одлуките секогаш треба да покажат конструктивност и да тргнуваат од заедничкиот интерес на граѓаните. Овде е важна и вклученоста на медиумите кои исто така активно и непристрасно ќе ги следат сите овие процеси”, рече Шкријељ.
Пратеникот Синиша Стојановски ја поздрави идејата за иницијативата за Конструктивен дијалог и истакна дека замислата е добра и ваков пристап би значел многу за носењето одлуки на македонската политичка сцена.
Пратеничката Илире Даути истакна дека новата генерација на политичари треба да се води и дејствува според она што е исправно и во интерес на граѓаните.
„Ние треба да бидеме модел како треба да изгледа и да се однесува еден политичар, ако навистина сакаме да ја спроведуваме оваа идеја за конструктивен дијалог”, рече Даути.
Пратеникот Бедри Фазли рече дека конструктивниот дијалог е реалност и секој политичар треба да верува во овој процес ако го гледа бенефитот и работи за благосостојба на граѓаните.