И по шест години од крвавите напади во Парламентот, случајот „Организатори на 27 април“ е заглавен во судските лавиринти.
Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“ и тоа шест и пол години казна затвор за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, шест години и три месеци казна затвор за екс-министерот за образование Спиро Ристовски, и шест години и три месеци казна затвор за министерот за транспорт Миле Јанкиески, додека на екс директорот на УБК Владимир Атанасовски шест години казна затвор.
На трети април 2023 година Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-121/21, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Т.В., С.Р., М.Ј., сите од С. и В.А од Д., со привремено престојувалиште во С., ја укина првостепената пресуда КОК.бр.2/20 од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје, Специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција“, се вели во соопштението од Апелација.
Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во оваа фаза на постапката, Апелациониот суд одлучи дека е беспредметна.
Мерките за претпазливост спрема обвинетите остануваат во сила.
„Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик“, посочуваат од Апелација.
Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ.
Првостепениот суд, се вели во соопштението од Апелација, сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
„Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“, се вели во соопштението од Апелација.
Кривичниот суд реагираше на соопштението на Апеалциониот суд и нагласи дека Апелација една година чува случаи во фиока
„Апелациониот суд Скопје, можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или неприментат на Законот за амнестија, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката сосотјба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување. Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас, се вели во реакцијата на Кривичен суд на соопштението на Апеалциониот суд Скопје во однос на одлуката за предметот во јавноста познат како „Организатори 27 април“.
Оттаму нагласија дека „Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат Законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за Европскиот напредок“.
„Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од Министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука“, истакнаа од Кривичен суд.
За висината на изречените казни од Кривичниот суд незадоволство имаше и од Јавното обвинителство
Јавната обвинителка Гордана Смаќоска за казните за обвинетите рече дека се многу ниски. Во изјава за медиумите дадена на 26 јули 2021 година, таа посочи дека е изненадена од ниските казни бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилствата во Собранието беа изречени многу високи казни.
„Мислам дека пресудата е таква каква што е. Судијата ќе образложи зошто ја донел и зошто олеснителните околности преовладувале во овој конкретен случај кај едно вакво тешко кривично дело, а не отежителните кои и самите имавте можност да ги чуете колку судот ги нагласува. Со самото нагласување на сите тие отежителни околности за судот по мое мислење не смееше судот да си дозволи да има пониска казна од 10 години, барем по мое јавнообвинителско видување на самиот настан, бидејќи доколку не постоеја овие обвинети како организатори немаше да се случи и самиот настан, изјави јавната обвинителка Смаќоска.
Кривичното дело „тероризам” според Кривичниот законик се казнува со минимална казна од 10 години затвор.
„Жалба секако ќе има на ваквата пресуда бидејќи казните се многу ниски. Земете ги во предвид, само една мала компарација ќе направам, Катица Јанева е казнета за полесно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ каде што максималната казна е 10 година а доби седум години, па сега јавноста нека направи споредба со висината на казната, а кога ќе ја добиеме писмената пресуда секако ќе вложиме жалба за сите обвинети, рече Смаќоска.
Во истрагата за „Организаторите на 27 април“ беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив беше запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
Што стоеше во обвинението за Груевски, Вељаноски, Јанакиески, Ристовски, Атанасовски и Бошковски
Според обвинението во почетокот на 2017 година, како што пренесе Фокус, по неуспешните преговори за формирање влада, обвинетите Груевски, Вељаноски, Јанакиески, Ристовски, Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.
Никола Груевски од позиција на тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги повикал граѓаните на протести со повикот „народот да не седи дома во папучи и да ја земе судбината во свои раце“. Вељаноски во својство на претседавач на Собранието, требало да го оневозможи изборот на претседател на Собранието. Јанакиески и Ристовски директно и секојдневно ги контактирале и координирале Градскиот комитет на Скопје и Месните комитети на партијата како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.
Поранешниот директор на УБК, пак, Владимир Атанасовски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски кој сега е во бегство, ги мобилизирале и координирале членовите на групата предводена од осудените Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо.
Истиот ден, Вељаноски испратил порака до Груевски со содржина: „Да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница и најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правен факултет….“.
Груевски пак му вратил: „од П.К.: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Т .. денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Т. за претседател по иницијатива на СДСМ“.
„Ќе слушнете како Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се јавувале по партиските штабови за што поголема масовност на протестот и за влегување во Собранието. Ќе ги слушнете и ќе ги видите пораките што тој ден се испраќани до членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Несомнено знаеме кој ги отвори вратите, но знаеме дека ги отворија оти така им беше кажано од обвинетите пред вас и од нивниот лидер Никола Груевски, кој толку сакаше да се соочува со народот на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега. Ова несомнено нè носи до Трајко Вељаноски, тогаш претседател на Собранието, и по функција втор човек во државата. Тој одби да се изврши промена на дневниот ред по барање на Оливер Спасовски, кој имал поддршка од 10 пратеници, ама затоа не заборави да се допишува со лидерот Никола Груевски, преку ред му даде збор на Зекирија Ибраими и не можеше да го спречи да ја испее химната на Албанија, што беше иницијална каписла за тоа што следуваше“, рече тогашната обвинителка Русковска во воведните зборови.
16 обвинети беа осудени на вкупно 211 години затвор во судскиот процес за крвавиот упад во Собранието кој траеше вкупно седум месеци.
На највисока затворска казна од 18 години беше осуден поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Неговите колеги од оперативниот штаб што го формирал Чавков, Митко Пешов и Душко Лазаров, осудени се на 15 години затвор.
Ј. Ѓ.