Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вели дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од оваа партија вршат притисок врз колеги да не гласаат за законот за јавно обвинителство. Кога Владата, нагласи тој, го пратила предложениот текст во собраниска процедура, имал збор за поддршка од 80 пратеници, но оттогаш, според него, се случуваат притисоци и закани кон пратениците. Па, дали за законот за ЈО ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство, посочи Заев, ќе се знае при самото гласање, пренесе НОВА ТВ.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и поранешни пратеници, генерално осомничени или веќе обвинети луѓе, вршат притисок врз пратениците. Имав збор од 80 пратеници дека ќе го поддржат и затоа законот беше пуштен. Имав збор, но тоа што се случува е вистинска драма“, вели Заев.
Заев рече дека притисокот што се врши врз пратениците е десетпати поголем од оној што се вршел за време на уставните измени.
„Да се остават пратениците да одлучуваат по сопствено убедување. Јас ги немам пратениците во раце. Секој од нив е многу свесна индивидуа, секој од нив е прво одговорен за тоа што е избран и ги претставува нашите граѓани во домот на демократијата и носи одлука согласно Устав и закон како што чувствува. Верувам дека ќе донесат вистинска одлука“, истакна лидерот на СДСМ и додаде дека до крајот на оваа седмица ќе биде јасно дали има двотретинско мнозинство за законот.
Заев смета дека ова законско решение треба да го обезбеди функционирањето на правната држава и владеењето на правото. Потенцира дека во него нема никаква скриена амнестија, како што тврдат од опозициската партија.
„И снимките да се обезбедени со ПИ Мерки, не може само врз основа на нив да се покрене обвинение. За такво нешто мора да има и материјални докази. Сите обвиненија на СЈО до 30 јуни, се обезбедени, осигурени и предметите продолжуваат во судски постапки, а за некои од нив има и правосилни судски пресуди. Се што е покренато по 30 јуни се дава шанса да продолжат врз основа на материјални докази, ако, секако, ги има како што е случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ во кои се основа на постапката“, рече Заев.
Тој се надева дека ќе се соберат сили законот за ЈО да биде донесен и да се обезбеди владеење на правото, за како што рече, да се осигураме дека ќе функционира правната држава и правдата.
Целиот текст на НОВА ТВ.