Ако направиме паралела на состојбата во областа на безбедност и здравје при работа во Македонија, од донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа од 2007 година до денес, може да се каже дека состојбата сѐ уште не е идеална, но има огромен напредок, благодарение на зголемената свест од страна на работодавците и вработените во однос на овозможување безбедна и здрава работна средина, безбедни и здрави вработени и сигурни приходи од дејноста на работодавците, вели во интервју Владо Кочоски, Директор за безбедност и здравје при работа во „Макстил“.
Секогаш сите чинители треба да тежнеат за напредок, бидејќи безбедноста и здравјето при работа е жива материја која треба да се негува и унапредува, истакнува тој.
-Особено важно за подобрување на состојбите во делот на безбедноста и здравјето при работа е следењето на современите трендови, стандарди, политики и практики во областа на светско ниво. Тука ќе ја истакнам и важноста на добрата, ефикасна и континуирана комуникација пред сѐ со соодветните министерства, државните органи, агенции, невладини организации и слично домашни и понатаму во поширок размер соработка и пренесувања на искуства со соодветни организации од други земји, од регионот и пошироко, истакнува Кочоски.