Професорката на Катедрата за балкански јазици на Универзитетот во Солун Александра Јоаниду за Рацин.мк вели дека регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин е резултат на Преспанскиот договор и нешто што не беше можно пред 5 години.
„Договорот овозможи јазикот да се именува како македонски што речиси беше забрането во Грција. Ние бевме критикувани секогаш кога говоревме дека постои и друг јазик во нашата земја, иако имаме уште 5 други јазици како малцински“, ни рече професорката Јоаниду.
Нејзината силна, аргументирана и научна поддршка како сведок и лингвист на сведочењето пред судот во Лерин беше од искличителна важност за регистрација на Центарот за македонски јазик и во заштита на правото на Македонците да го учат и говорат својот мајчин јазик.
Таа вели дека тоа е долга приказна и дека таа и други нејзини колеги со ова се соочуваат веќе 25 години.
– Се справувавме со многу предрасуди, со национализам. Мислам дека јас и мојата генерација во Грција всушност ги посветивме нашите животи во борбата против национализмот. Ако нашите родители се бореа со фашизмот, ние се боревме со национализмот, коишто не се многу далеку еден од друг, укажува професорката Александра Јоаниду, од Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун.