Во Вишото јавно обвинителство во Смедерево денеска беше сослушан Урош Б. (21) поради постоење сомнеж дека извршил кривични дела тешко убиство, недозволено изработување, чување, носење и тргување со оружје и експлозивни материи, грабнување и неовластено користење туѓо возило, пишува N1.
„Осомничениот Урош Б. е обвинет за убиство на 8 лица со автоматско оружје и обид за убиство на вкупно 12 други во доцните вечерни часови и во текот на ноќта на 04.05.2023 година, на подрачјето на Смедерево и Младеновац, а при претрес на осомничениот и во просториите кои ги користел биле пронајдени поголемо количество оружје и муниција, додека при бегство од местото на настанот прво неовластено искористил туѓо моторно возило, а потоа во близина на наплатната рампа „Мали Пожаревац“ им се заканувал на таксист и патничка во такси возилото, која била бремена, со бомба го принудил таксистот да го однесе до село на територијата на општина Крагуевац, каде осомничениот се наоѓал во утринските часови на 05.05.2023 година. Бил пронајден во објект сопственост на неговиот вујко“.
Во одбраната што ја изнесе денеска на рочиштето, осомничениот призна дека ги сторил кривичните дела, меѓу другото наведувајќи дека во три наврати пукал во повеќе лица со автоматска пушка и пиштол – во Мали Орашје и Дубона, на локации во подрачјето на Смедерево и Младеновац, кои биле во група непозната за него, со цел заплашување на жителите од споменатите населби.
По сослушувањето, Вишото јавно обвинителство Смедерево даде предлог да му се определи притвор на осомничениот од сите правни причини, кој предлог судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Смедерево го прифати и му одреди мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, посебни околности кои укажуваат дека осомничениот ќе ја попречува постапката со влијание врз сведоците чие сослушување претстои во истрагата, потоа бидејќи постојат посебни околности дека тој ќе го повтори кривичното дело со оглед на искажаната упорност во извршувањето на кривичното дело, соопшти Обвинителството.
Г. Т.