„Очекуваме земја која е кандидат за членство во Европската Унија ефективно да ги заштити сите свои граѓани. Наместо тоа, сведоци сме на обиди да се замолчи гласот на македонските Бугари со кревање неосновани обвинувања против нив, со притисоци со тужби, со нивна демонизација во медиумите и особено на социјалните мрежи“.
Ова го истакна министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, на брифинг за последните настани во односите на Бугарија со Северна Македонија.
Другите обврски преземени од Скопје, па дури и елементарните гестови на добра волја, како што е договореното извинување до Бугарите репресирани од тамошниот комунистички режим или отворањето на архивите на државниот репресивен апарат од периодот пред 1991 година, не се исполнети, вели бугарскиот МНР.
Иван Кондов потсети и на случајот од 6 мај, кога бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Андреј Ковачев, претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски и други бугарски државјани не им беше дозволен влез на територијата на Северна Македонија за традиционалниот аџилак во Бугарските воени гробишта во Ново Село.
Во известувањата што на бугарските државјани им ги врачиле граничните власти, било наведено дека тие фигурираат на забранета листа во граничниот систем.
„Остава впечаток дека објаснувањето на амбасадорот на РСМ во нашата земја и соопштението на МНР во Скопје се разликуваат од официјалните документи што ги предаваат граничните власти“, нагласи Иван Кондов.
Тој ја нарече неодржлива тезата дека Андреј Ковачев е „индиректна штета на други лица“ кои претставуваат закана за јавниот ред.
Бугарското Министерство за надворешни работи ќе ги информира „сите европски партнери за овој чин без преседан, кој не се совпаѓа со декларираната намера на Скопје да работи на добрососедски односи и да ги исполни преземените обврски. Официјални писма до европските институции од Претседателството, Народното собрание и Министерството за надворешни работи“, додаде Министерот.