Изложба на реномираниот македонски ликовен уметник Владимир Георгиевски, ќе биде отворена вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци, во рамките на одбележувањето на меѓународниот ден на музеите, информираа од Кавадаречкиот музеј.
Оттаму нагласија дека Георгиевски е еден од најзначајните македонски ликовни уметници, кој зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство.
Владимир Георгиевски бил роден во Скопје, на 1 јуни 1942 година. Во 1963 година матурирал во Училиштето за применета уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972 година, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар, тогашен Дом на млади „25 мај“. Меѓу 1980 и 2012 година бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990 – тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Георгиевски беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
– Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Добитник е на највисока државна награда, за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар. Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт Петербург во ноември 2012 година. Почина во родниот град, на 25 мај 2017 година. Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Локален Музеј – Галерија Кавадарци е дел од Музеум линк (Museumlink), во чија организација е оваа изложба. Организатори на проектот се Јасминка Намичева, кустос советник архитект во Музеј на град Скопје и Фросина Георгиевска, сопственик на уметничката колекција Георгиевски, појаснија од Музејот.