Истражувачката агенција „Брима“, како членка на „Галуп интернешнл“ неодамна спровед анкета за популарноста на светските лидери. Од добиените резултати во Северна Македонија најпопуларен светски лидер е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за кого 60 проценти од анкетирани граѓани во земјава се изјасниле позитивно.
По тој повод Џабир Дерала, ЦИВИЛ за „Нова Македонија“ изјави дека популизмот во нашата земја, за жал, има масовна популарност.
„Популизмот што го води Ердоган во својата земја очигледно е ефективен и тој ги надминува границите на Турција и допира и до нашата држава. Освен него, сличен ваков популизам практикуваат и други лидери во светот, како на пример Путин, кој исто така високо котира на истражувањето. Но, она што мене ме радува во овие резултати, е дека кај граѓаните со незначително помал процент високо котира и германската канцеларка Ангела Меркел, која за разлика од преостанатите не е популист, туку практикува сосема поинаков, односно демократски начин на владеење со својата земја. Овие резултати мене ми говорат дека голем дел од електоратот во државата знае да ги препознае разликите меѓу популизмот и одговорните политичари, но, за жал, првиот начин на владеење разбирливо има помасовна популарност кај граѓаните“, изјави Дерала, одговарајќи на прашањето на новинарот Александар Србиновски на што се должи популарност на Ердоган.