Викендов, во Маврово се одржа вториот модул од Програмата „Future is Feminist“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и во соработка со Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој – SIGA.
Главни говорници беа поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, консултант, новинар и бестселер автор на Њујорк Тајмс, со седиште во Вашингтон Патрик Џефсон и поранешната претседателска советничка, единствена жена којашто што работела за два американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, за двајца премиери на Обединетото Кралство Тереза Меј и Дејвид Камерон, како и за Кралицата Елизабета – глобалната експертка за репутација, кризи и бренд менаџмент Мери Џо Џејкоби.
Покрај нив, на вториот модул насловен „Репутација и управување со буџет“ учество зедоа и директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА, Мила Царовска, редовната професорка по менаџмент на човечки ресурси, лидерство, организациско однесување и истражувачка методологија за бизнис и менаџмент на Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ, управниот директор на првиот акцелератор за социјално претприемништво и импакт бизниси во Северна Македонија Кристијан Милевски и тим билдинг експертот Владо Караев.
„Секоја девојка и жена има огромен потенцијал и моќ да направи позитивна промена во средината кадешто живее и делува. Едуцирајќи и вложувајќи во нив ќе изградиме силни и храбри жени коишто ќе испорачаат видливи резултати. На Програмата #FutureIsFeminist има професионални, одговорни и вредни учеснички на кои сите ние ќе бидеме горди во иднина. Младите девојки можат, знаат и умеат да се носат со сите предизвици! Женското лидерство ќе го зајакне и унапреди општеството“, истакна директорката на СИГА Царовска.
Програмата претставува серија на обуки за млади и инспиративни девојки и жени кои се спремни да учат, напредуваат, водат и служат на демократските процеси и целат кон развој на нивната кариера во бизнисот или политиката. Целтa е да се детектираат и обучат младите девојки и жени да ги зајакнат своите лидерски вештини и да го менуваат општеството кон подобро.
Обуките се организираат во период од 6 месеци, од месец април до ноември, во кој ќе се одржат 4 тематски единици во траење од 2 дена или вкупно 8 дена.