Со проектот од Програмата за Прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, општина Чаир ќе ги намали трошоците за електрична енергија, а заштедите ќе може да ги вложи во подобрување на условите во училиштата, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
-Во општина Чаир се поставени фотоволтаици на 3 основни училишта и на една градинка, а Министерството за локална самоуправа од Европската Унија и од Буџетот на државата обезбеди 212 000 евра за реализација на овој проект. Ова се конкретни придобивки од процесот на интегрирање на нашата земја во Европската Унија, кои што директно ги чувствуваат граѓаните.
Од ИПА фондовите на ЕУ, само преку Програмата за прекугранична соработка со Косово во вториот програмски период се реализирани 15 проекти во вкупна вредност од 5,4 милиони евра, од кои што 4,2 милиони евра се средства од ЕУ. Останатите 1,2 милиони евра се од Буџетот на Министерството за локална самоуправа, кое што го обезбедува националното кофинансирање.
-Преку ИПА инструментот на Европската Унија се финансираат голем број на проекти во општините, без дополнително да се оптоварат општинските буџети, што е голема придобивка за нас. Со отворањето на преговорите со Унијата ќе се зголемат одговорностите, но и достапните средства за развој на државата и на општините. Ја имаме шансата да направиме историски пресврт за државата и пред се за граѓаните. Нашите граѓани да бидат рамноправни со сите други во Европската Унија, а тоа значи да имаат избор, да работат и да заработуваат подобро, да живеат подобро, додаде Пенов.