Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија” која се одржа во организација на Претседателскиот центар за политичко образование во соработка со Фондацијата „Метаморфозис”, а со поддршка од Кралството Холандија преку проектот „Центар за борба против дезинформации на Западен Балкан” кој го спроведува Метаморфозис.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски порача дека општествената отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите мора да биде резултат на целосна и долгорочна стратегија, но и на конкретни политики што ќе ја променат нашата сива општествена реалност. Тој повика на транспарентност во работата на органите на власта, при што посочи дека секое затскривање зад превезот на т.н. државни интереси е неоправдано. Претседателот рече дека сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да и бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.
„Нашата држава, за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив. Она што претставува предност на демократските општества во нормални околности, за жал, е најголема потенцијална слабост во услови на внатрешна и надворешна поларизација. Македонското мултикултурно општество опстојува единствено врз основа на компромиси и подготвеноста на граѓаните да бараат и прифаќаат компромиси. Нашата демократска транзиција е далеку од завршена, а за тоа најдобар доказ се бројните истражувања на јавното мислење кои покажуваат дека значаен процент од македонските граѓани се приврзаници на т.н. систем на „цврста рака” во донесувањето на одлуки и поддржуваат авторитарни модели на владеење како наводен рецепт за прогрес на државата. Нашата борба со корупцијата е сеуште повеќе присутна во политичките декларации отколку во реалноста, а корумпираните политичари се секогаш најмалку резистентни кон малигните влијанија, или поради желбата за „лесни пари” или поради тоа што се уценети, а најчесто и поради двете“, вели Пендаровски.
На отворањето на конференцијата се обратија и Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Северна Mакедонија, Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис” и проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за внатрешна политика, надворешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”, УКИМ.
На сесијата насловена „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија” се обратија Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис” и Билјана Георгиевска, извршна директорка на „Совет за етика во медиумите на Македонија”.
Во рамки на конференцијата се одржа и сесијата „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување” на која се обратија Елида Зулбеари, раководител на проект во Фондацијата „Метаморфозис”, Светлана Силјаноска, соработник за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања, Влада на Република Северна Македонија, Петра Балажиќ, претставничка на „Центар за европска перспектива”, Република Словенија и Росана Алексоска, претставничка на Граѓанската асоцијација – МОСТ.