„Кога жените имаат еднаков пристап до образование, ресурси, вработување и до економски можности, тоа води до зголемена продуктивност во економската активност и во ослободување иновативен потенцијал. Ова е важно и од аспект на борбата против сиромаштијата и социјалната нееднаквост, затоа што градењето силна економска улога на жените значи создавање поправедно општество во кое поголем број домаќинства ќе се извлечат од сиромаштијата“ пишува вицепремиерот Фатмир Битиќи во неговата колумна за Слободен печат.
Тој додава дека затворањето на родовиот јаз во вработеноста може да го зголеми долгорочниот БДП по глава на жител за речиси 20% во просек низ земјите во светот.
„Родовата еднаквост во економската сфера не е само прашање на застапеност, туку и средство за постигнување подобри економски резултати. Овде може да се нагласи и една социјална димензија во која родовата еднаквост придонесува за подобри здравствени резултати, подобрено образование за децата, намалено насилство врз жените и за посилни врски во семејството и во заедницата“ пишува Битиќи.
Вицепремиерот додава дека унапредувањето на на родовата еднаквост во целокупното општество бара од политичките актери да ја напуштат улогата на освојувачи на минатото и да се препуштат на улогата на ослободувачи на идните генерации од ограничувачките родови очекувања.
„Во ова редефинирање на политичките улоги, вредностите и концептите треба да бидат извор на конзистентност, затоа што на тој начин се еродира потребата од политички конформизам кон општоприфатени стереотипи и предрасуди кои родовата еднаквост ја подредуваат под политички луксуз. Еднаквоста не е непотребна, не е излишна, а уште помалку претерана, таа не е луксуз – секој во својата различност заслужува да ја искусува“ заклучува Битиќи.