НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Моќите не потценувајте ни ги: успеавме да се издигнеме до бесконечното.
– Роберт Фрост, „Кити Хок“
Во времето кога се создава овој текст, вицепремиерот за Европски интеграции, Бојан Маричиќ, се наоѓа во Вашингтон, а јас сум во мојата работна просторија, типкам на белината на текстот, обидувајќи се да создавам светови. Притоа, овој текст не припаѓа на жанрот „полемизирање“, тоа овој пат ми е совршено досадно затоа што противниците во политичкото поле ми се неверојатно слабички. Наместо тоа, ќе се обидам некои позиции да ги „разјаснам“, затоа што постои неверојатна конфузија околу тоа кој е кој и што воопшто застапува. Со една напомена, текстот го пишувам од лично име, па така очекувам и да бидам прочитан.
Имено, вицепремиерот Бојан Маричиќ е мој пријател. Ние двајца (ако смеам да се поврзам себе во иста реченица со него?) ништо еден на друг не си должиме; ние, откако се запознавме, па се’ до ден денешен, работиме на создавање на светови. Световите за мене се испишување на реченици, а за Маричиќ световите се во Владата, во колективот, какви што впрочем се сите Влади на светот, вклучително и Владата на САД: „претпријатие на слободна волја“ во која се доживуваат задоволства, разочарувања, канцелариски нетрпеливости, неуспеси, ситни триумфи, исто како што доживуваат на работа сите наши сограѓани. Таков е животот во политиката, таква е работата во јавната служба.
Работата во политиката е еден вид потрага по своето место во кое ќе се вклопиме, по начинот на кој ќе ги објасниме нашите компетенции, знаења и различни нишки од нашето битие. Ете, вицепремиерот Маричиќ, за разлика од мене, влече многу поголема и потешка „запрежна кола“ на својот грб, практично влече нешто многу поголемо од сите нас на своите рамена, само како би се обиделе да завршиме на патот на кој сме тргнале последните триесетина години од нашето македонско осамостојување. А тој пат е потполна интеграција на земјата во Европската унија.
Додека јас седам овде, а вицепремиерот Маричиќ е во Вашингтон, земјава и понатаму останува во заканувачките канџи на десницата, пропратени со економски кризи, ексцеси и проблеми. Можеби најзаканувачко од сето е што нашата демократија се тетерави на работ од амбисот – криза чиј корен се наоѓа во фундаменталната спротивност и борба меѓу две меѓусебно спротивставени визии за она што е, и она што треба да биде Северна Македонија; криза поради која гласачите останаа поделени, гневни, со изгубена доверба, криза која остави простор за актуелно кршење на институционалните норми, на гаранциите и на заштитата содржани во процедурите, но и за кршењето на базичните факти: Северна Македонија мора да остане демократска и Европска земја со изгласани Уставни измени.
Се разбира, ова искуство не е ништо ново: тоа на многу начини го дефинира нашето македонско искуство. Социјалдемократите се за Европскиот пат, а десницата или националромантичарите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се за перманентни кризи, блокади и изолација. Тоа е битка која се води на многубројни полиња: едното е на полињата „кај Гетисбург и кај Апоматокс“, но и во салите на македонското Собрание, во канцелариите на Брисел и Вашингтон – таква битка биеме со години. Тоа како да е битка на војници, но најчесто тоа е битка на обични граѓани кои сакаат својата земја да ја интегрираат во богатите и просперитетни Европски народи.
Имено, воодушевува вицепремиерот за Европски прашања со својот оптимизам. На првиот ден од посетата во Вашингтон, на средба со Робин Брукс, специјалната советничка за Европа на потпретседателката на САД, Камала Харис; истиот ден, средба со директорот на Канцеларијата за Европска Унија и регионални прашања при Стејт Департментот, Роб Ли; потоа со амбасадорот Џејмс О’Брајан, шеф на Одделот за координација на санкции при Стејт Департмент и именуван помошник Државен секретар за Европа и Евро-Азија…
Најфасцинантното за мене беше тоа што нашата делегација, на чело со вицепремиерот Маричиќ, одржаа конференција, дебата или панел во најбогатата со книги библиотека на светот, а тоа е „библиотеката Џеферсон“ (именувана по еден од тројцата „основачки татковци“ на САД: Џорџ Вашингтон, Џон Адамс и Томас Џеферсон).
На последниот, трет ден од официјалната посета на САД, вицепремиерот Маричиќ се среќава со Габриел Ескобар, американски специјален претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија. После таа средба, официјалната изјава е следна: „Можеме да успееме и имаме целосна поддршка од САД во тоа. Нашиот традиционален сојузник и стратешки партнер останува наша силна политичка и економска помош во реализацијата на нашата стратешка определба. Сега треба да продолжиме со офанзивна политика на темата евроинтеграција, секој да преземе одговорност и секој да ги исполни своите обврски за задржување на динамиката на преговорите со ЕУ и брз напредок во процесот“.
Ова, генерално, или барем колку што можев јас да забележам, беше се’ од официјалната посета на вицепремиерот Маричиќ од Вашингтон. Оваа посета е наша борба за сојузништво, а во срцето на оваа борба – барем според мене – лежи едноставно прашање: важно ли ни е да ја усoгласиме реалноста во Северна Македонија со нашите идеали? Посетата на Маричиќ, очигледно зборува дека ни е важно: индивидуална слобода за еднакви можности и за рамноправност пред законот – мора да важат за сите.
Јас, искрено, верувам дека денешниот влог не може да биде поголем и повисок, исто така знам проблемот нема да го решат ниедни избори. Дури и кога Маричиќ го задржува нашиот оптимизам, a тоа е затоа што во конечноста научив дека сепак, и после се’, јас верувам во моите сограѓани, особено на оние кои се млади и кои припаѓаат на следната генерација. Особено верувам во оние луѓе кои знаат и веруваат дека сите ние сме еднакво вредни, луѓе кои упорно настојуваат работите да ги преточат во реалност оние принципи за кои нивните родители и учители можеби никогаш вистински не верувале.
Еден од таквите луѓе е нашиот вицепремиер Маричиќ: таква сорта на луѓе кои работите ги прават возможни.
Дипломат и вицепремиер кој одново го пресоздава светот и, низ напорна работа, со својата решителност и голема имагинативност, придонесува Северна Македонија да израсне и конечно да го усогласи сето она што е најдобро во нас.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline