РИБАРО
Бугарскиот претседател Румен Радев до комисијата за одликување на Бугарија, предложи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да добие национален бугарски орден за заслуги од прв ред, дознава АХА.
Во своето образложение, како што информира дописникот на АХА од Софија, Радев истакнал дека она што го прави Мицкоски, за зацврстување на бугарските националистички интереси во однос на Македонија, е нешто феноменално што бугарската држава и со сета силна дипломатија, сама, без помошта на Мицкоски, никогаш немало да го постигне.
„Она што мислевме дека го изгубивме со Францускиот предлог, го добиваме со тврдокорниот безумен став на Мицкоски. Со неговите дејанија Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ и за тоа треба да му се даде посебно признание. Сега нема да мора да измислуваме приказни пред бугарската јавност дека со впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав сме добиле којзнае што многу, а всушност, нели, ќе добиевме едно големо ништо, кикирики. Со онаков Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние сме кооперативната страна во случајов, а Македонија е безумната и националистичката. Така нашите ЕУ партнери го разбираат ставот на Мицкоски за противењето на Уставните измени. Затоа, најмалку што можеме за да му се оддолжиме за услугата што ни ја прави Мицкоски со која си ја кочи сопствената држава од напредок и просперитет за да си задоволи тесно партиски интереси, е да добие орден за заслуги од прв ред. Следно, мислам дека ќе треба да му направиме споменик, да именуваме улица или училиште, но ајде сега да се фокусираме на првиов чекор. Подобро од Мицкоски не можеше да ни се погоди!“, потенцирал Радев пред бугарската комисија.
Комисијата, како што дознава АХА, со акламација го прифатила предлогот од Радев.
Побаравме реакција од Мицкоски, но засега молк од белата палата на вмровците.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK