Mинистерството за внатрешни работи попладнево преку соопштение информира дека со решение на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев формирана е комисија која поради ограничениот број обрасци на патни исправи одлучува кои барања на граѓани се итни и неодложни да бидат процесирани во итна постапка со цел издавање патни исправи, oбјави 360 степени.
„Барањата за издавање патни исправи, поткрепени со соодветна документација, треба да бидат доставени до подрачните единици на Одделот за граѓански работи, со назнака дека се работи за ‘итни’ барања за патни исправи кои се во надлежност на комисијата. Барањата неопходно е да содржат телефонски број на лицето подносител“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека оваа комисија веќе го одржала првиот состанок вчера и разгледала 77 барања.
Чулев изминатите денови во повеќе наврати го обвини неговиот претходник Оливер Спасовски дека виновен за проблемот со недостиг на пасоши.
Пред два дена тој на прес-конференција соопшти дека МВР располага само со уште 3 600-3 700 обрасци за патни исправи и дел од нив – околу 650 лица, ќе бидат за оние што аплицирале за добивање пасош по итна постапка, додека останатите ќе се чуваат за приоритетни медицински случаи.
Спасовски му одговори дека е тој што треба да ја утврди одговорноста и дека тој треба да ѝ објасни на јавноста за новонастанатата криза. Меѓутоа, техничкиот премиер појасни дека и во Владата веќе размислуваат како и на кој начин да помогнат да се најде конечно решение на овој проблем.
Денеска тој предложи, како начин за надминување на кризата, Владата да усвои методологија со која со печат и со испраќање нота до државите во светот ќе се пролонгира важењето на пасошите сè до моментот на пристигнување на нови патни исправи.
Најави дека на 24 март или порано треба да пристигнат 100 илјади обрасци за пасоши, а другата пратка се очекува да пристигне септември или октомври годинава.
Извор: 360 степени