Бројот на загинати во шумските пожари на хавајскиот остров Мауи се искачи на 106, што го прави најсмртоносниот во Америка во последните 100 години, соопштија властите. Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртви може да биде двојно поголем, бидејќи не се знае судбината на стотици исчезнати лица.
Идентификацијата на жртвите ќе биде тешко спроведлива бидејќи пожарот бил толку силен што металните конструкции се стопиле, велат официјални лица. Се очекува наскоро да бидат познати имињата на загинатите, а досега се идентификувани првите три тела, велат надлежните кои повторно побарале од семејствата на исчезнатите да дадат примероци од ДНК.
Гувернерот Џош Грин за Си-Би-Ес Њуз изјави дека можно е да се потребни уште десетина дена за да се знае целосниот биланс на загинати. Речиси целиот град Лахаина е уништен од пожарат.
Официјални лица во Лахаина рекоа дека од саботата досега биле пребарани само три отсто од градот. Тие користат помош од кучиња за да ги пронајдат жртвите, пренесува Би-Би-Си.
„Имаме површина од најмалку осум квадратни километри полни со нашите најблиски“, посочи претходно началникот на полицијата во Мауи, Џеф Пелетиер.
Смртоносниот шумски пожар во Лахаина сè уште гори и е локализиран околу 85 отсто, според официјални лица од округот Мауи. Како настанал пожарот се уште не е познато, иако тој беше засилен и раширен од ветровите на ураганот Дора и сушата.
Во саботата беше поднесена колективна тужба против најголемиот снабдувач на електрична енергија на Хаваи, Хаваи Електрик, со тврдење дека паднатите далноводи на компанијата придонеле за пожарите.
Во тужбата се обвинува компанијата дека не ги исклучила соборените линии и покрај предупредувањето на Националната метеоролошка служба дека Хаваи е во состојба на готовност поради шумски пожари.
Привремено исклучување на струја за да се намали ризикот од шумски пожари е тактика што се користи во западните американски држави, каде што шумските пожари се вообичаени. Во Калифорнија, далноводите се одговорни за половина од најразорните шумски пожари во државата, потсетува Би-Би-Си.
Извор: МИА