Правосудниот систем, обвинителите и судиите треба независно и непристрасно да си ја вршат својата работа. Некогаш, за жал, имам впечаток дека обвинителите и судиите се ставаат во поголема улога од политичарите, прават политичка проценка пред да донесат одредена одлука за тајминот на одлуката, за висината на казната, порача денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, коментирајќи ги измените во Кривичниот законик.
Задоволна е од членот од Кривичниот законик што се однесува на проширената конфискација на имот, што е на иницијатива на нејзиниот Кабинет, а за останатите членови изразила резерва уште на седницата на Владата.
Со членот за конфисакцијата на имотот, како што рече, се дава поголема можност на судиите да пресудуваат и тоа да биде една од сериозните мерки кога станува збор за борба против корупцијата и организираниот криминал.
– Според искуството што го земавме од другите држави, најголемиот притисок и најголемата реакција ќе ја почувствуваат тие што го прекршиле законот доколку лично почувствуават дека се засегнати. Кога ќе почувствуваат дека им се одзема имотот тогаш реално ќе почувствуваат дека навистина губат нешто, особено кога има можност тој имот да се врати назад кај граѓаните, рече Грковска, која одговараше на новинарски прашања пред почетокот на Јавната расправа за Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата.
За останатите одредби од законот уште на седницата на Владата изразила резерва, бидејќи, како што наведе, сведоци сме на реакциите во јавноста за начинот како ќе се одразат тие членови врз актуелни случаи, меѓутоа и генерално.
– Повторно доаѓаме до прашањето за ефикасноста на правосудниот систем, затоа што со старите решенија ние се доведуваме до ситуација одредени случаи да застарат, особено кога станува збор за политичари, за бизнисмени кои биле или сѐ уште се блиски до власта. Јас веднаш регирав и минатата година, имавме неколку реакции и настани за да најдеме начин како тоа да се превенира. Внимателно ја следам реакцијата на професионалната јавност дека не секогаш висината на казната е најдобриот механизам за изрекување на мерки. И повторно доаѓаме до тоа дека правосудниот систем, обвинителите и судиите треба независно и непристрасно да си ја вршат својата работа. Некогаш, за жал, имам впечаток дека обвинителите и судиите се ставаат во поголема улога од политичарите, прават политичка проценка пред да донесат одредена одлука за тајминот на одлуката, за висината на казната, рече Грковска.
Недопустливо е, дополни, да има случаи што се чуваат повеќе од девет месеци во фиока.
— Свесни сте дека има случаи што се чуваат повеќе од девет месеци во фиока, што е недопустливо. Се надевам дека ова ќе биде едно освестување за обвинителите и судиите дека треба со интегритет да си ја вршат работата, да не ги интересира за кого станува збор, да пресудуваат исклучиво врз основа на законските одредби, порача Грковска.